Бизнис вести

Бизнисмените бараат Владата брзо да реагира на нивните иницијативи

Од Стопанската комора сметаат дека е неопходна ефикасност во процесот на донесување на законските измени што се однесуваат на бизнисите

понеделник, 15 јануари 2018

Бизнисмените бараат институциите брзо да реагираат на нивните иницијативи што ги предлагаат за подобрување на бизнис климата. Велат дека има волја кај Владата за соработка и оти веќе е воспоставено партнерство, но сметаат дека е неопходна ефикасност во процесот на донесување на законските измени кои се однесуваат на бизнисите.

„Има реални потреби за подобрување на комуникацијата и тоа со министерствата и со другите органи на управата, што ќе биде во насока на поттикнување на ефикасноста и ажурноста на јавните и на државните службеници и на намалување на административните бариери. Бидејќи, без брзи и ефикасни административни постапки и без професионална администрација не може да одиме напред и да очекуваме брза реализација на нашите иницијативи кои се во интерес на унапредување на деловната клима во државата“, рече Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

Таа информира дека од јуни до крајот на 2017 година, Комората поднела 19 иницијативи до Владата кои се прифатени и во тек на реализација, но оти само една е завршена. Иницијативите главно се однесуваат на законски измени кои би го олесниле работењето на компаниите, пред се, на Законот за ДДВ во однос на трансферот на пари, потоа законите за нотаријат и извршители, како и законите за трговија, градежништво и за индустриски емисии. Од Комората очекуваат дел од иницијативите да бидат завршени во наредните месеци.

„Планот за економски раст има за цел остварување на поголем економски раст преку поддршка на компании кои се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати. Очекуваме мерките побрзо да се операционализираат во практиката“, рече Милевска Штрбевска давајќи оценка за Планот за економски раст, кој, како што потенцираше, ги содржи мерките предложени од компаниите.
 

Содржината е прочитана 138 пати.