Бизнис вести

Опаѓа бројот на издадени одобренија за градење станови

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во ноември 2017 година биле издадени одобренија за градење на само 306 станови

понеделник, 15 јануари 2018

Во ноември 2017 година биле издадени одобренија за градење на 306 станови, со вкупна корисна површина од 29.819 квадратни метри, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Тоа е две третини помалку издадени одобренија во споредба со претходниот месец, кога биле издадени речиси 1.000 дозволи за градење станови. За 68,9 проценти се намалени одобренијата во ноември 2017 во споредба со одобренијата издадени во ноември 2016 година.

Според статистичките податоци, 157 станови со вкупна површина од 11.395 квадратни метри ќе ги градат деловни субјекти кои во текот на ноември ја започнале постапката за изградба, додека останатите ќе ги градат физички лица. И натаму, најголем е интересот за изградба на трисобни и на двособни станови.

Забележително е дека по долг период полека стивнува станбената изградба во Скопје, а се засилува во градовите во внатрешноста на Македонија. Сепак, статистиката покажува дека лидер според предвидените станови за градење се уште е Скопје, со 81 стан. Но, во ноември 2017 година најмногу одобренија за градење биле издадени во Прилеп со планирани вкупно 67 станови за изградба, а потоа следуваат Струмица каде се предвидени 45 нови станови и Охрид со 40 станови.

Од скопските општини, пак, Аеродорм го изгуби приматот. На прво место е Карпош со издадени одобренија за изградба на 25 нови станови, а потоа е општина Кисела Вода, каде е предвидено да бидат изградени 17 станови.

 

Содржината е прочитана 157 пати.