Интервјуа

Карпузовска: Успехот на „ЕВН Македонија“ е во корпоративната одговорност кон општеството

Интервју со госпоѓа Ленче Карпузовска, менаџер во Oдделот за комуникации во ЕВН Македонија: „Наша определба е секојдневно да креираме вредности што ќе ги поддржат заедницата и нејзиниот развој. Оттука, за нас во „ЕВН Македонија“ тоа не е прашање на желба, туку нераскинлива компаниска култура што ја практикуваме секој ден. Ваквиот начин на работа е основа за долгорочен успех на компаниите и на општеството во целина. За да работи една компанија успешно, мора да има и општествен развој. Овие односи се нераскинливи и меѓусебно се дополнуваат. Секоја компанија и институција има индивидуална можност да ги дефинира областите во кои ќе дејствува. Во секој случај практикувањето корпоративна општествена одговорност праќа позитивна порака кон заедницата дека сите заедно сме одговорни за пошироките општествени потреби“

понеделник, 15 јануари 2018

МАРИЛИ: Госпоѓо Карпузовска, кажете ни нешто повеќе за планираните активности на Вашиот сектор за периодот што следува и дали ќе има активности во делот на општествената одговорност со оглед дека во изминативе години бевте многу активни во оваа насока, особено во хуманитарните акции.
КАРПУЗОВСКА:
„ЕВН Македонија“ е една од компаниите што во континуитет спроведува проекти што во различни сегменти поттикнуваат развој во општеството. Како компанија имаме цврста определба да спроведуваме активности што ќе поттикнат промени во позитивна насока. Тргнувајќи од таквата наша компаниска мисија, со исто темпо продолжуваме и во наредниот период. Проектите што ги реализираме се насочени кон различни публики и подеднакво се застапени и кон вработените и кон нашите корисници.


Веруваме дека развојот на една компанија е нераскинливо поврзан со вложувањето во кадровскиот потенцијал. Oсобено сме му посветени на професионалниот развој на младите луѓе преку програмата трејнис, преку практикантската работа, преку програмата за стипендирање, поттикнувањето родова еднаквост во енергетскиот сектор итн.
Со креирањето одговорност кон вработените внатре, всушност, креираме и одговорност кон надвор. Во насока на поддршка на заедницата неодамна го започнавме проектот „ЕВН Волонтира“ во чии рамки преку различни активности наши вработени на волонтерска основа работат на проекти од јавен интерес. Досега повеќе од 200 вработени учествуваа во проекти чии идеи произлегоа од нив лично, а кои се наменети за реални општествени потреби. Веќе неколку години сме традиционален партнер на Црвениот крст во многу негови хуманитарни активности што се насочени кон поддршка на специфични општествени барања, грижа за стари лица, како и социјално загрозени категории граѓани. Преку кампањата „Среќно семејство“, со која ги наградувавме одговорните корисници, успешно ги споивме забавата и хуманоста. Голем број познати јавни личности се натпреваруваа и освојуваа награди за социјално ранливите групи корисници, при што на повеќе од 30 невладини организации „ЕВН Македонија“ им помогна да продолжат да им помагаат на лицата за кои постојат.
Веќе пет години ја реализираме „Платформата за енергетска ефикасност“ преку која спроведуваме активности за повеќе целни публики. 

Во рамките на оваа платформа се и едукативните кампањи „Енергетска азбука“ и „Енергетска математика“ што минатата година ја доби престижната светска награда „Golden award“ од Интернационалната асоцијација на односи со јавност. Оваа награда е прва и засега единствена од ваков вид во Македонија. На сето ова му претходеше и деценискиот училиштен проект, преку кој децата имаа можност да научат да се натпреваруваат на креативен начин, на теми поврзани со електричната енергија, од каде потекнува, како се штеди и како безбедно да се користи. Имаме многу проекти што се насочени и кон заштитата на животната средина, како што се проектите „Третман на електронски отпад“ ,„Отстранување на маслата од трансформаторите“, „Заштита на птиците“, „Енергетска ефикасност на мрежата и намалување на штетните мисии“ итн. Сè поактуелен е сегментот „Електромобилност“ преку кој „ЕВН Македонија“ промовира користење на автомобили со електричен погон. За таа цел на неколку јавни места во Скопје поставивме полначи за ваков тип автомобили. Во континуитет работиме на замена на печатените сметки со електронски, со што се намалува трошењето хартија. Преку кампањата за поттикнување токму на поголемо користење на електронските сметки „Создади книга“ сите заштедени хартии од електронските сметки станаа страници на голем број раскази на млади автори што досега немале можност да објават книга. Еден од најголемите проекти на кои бевме фокусирани во изминатиот период е Изложбениот центар Матка, прв музеј за електрична енергија во Македонија. Со неговото отворање се создаде нова можност за целото општество. Toj e oд голема корист е за сите образовни институции, а истовремено им е на располагање на сите љубители на науката. Особено нè радува тоа што интересот е огромен и досега го посетија повеќе од 4.000 лица преку групни и индивидуални посети. Се разбира, сите овие проекти немаше да бидат можни без нашите партнери. Поголем дел од проектите се реализирани во партнерство со невладиниот сектор, со институции и со соработници што дадоа огромен придонес во нивното остварување.

 МАРИЛИ: Според Вашето мислење, колку е важно да се биде отворен кон широката општествена заедница и да се покаже поинаква грижа за корисниците на Вашите услуги. Дали со тоа се дава пример за поинаква колективна свест што е карактеристика на современите европски општества?
КАРПУЗОВСКА :
Наша определба е секојдневно да креираме вредности што ќе ги поддржат заедницата и нејзиниот развој. Оттука, за нас во „ЕВН Македонија“ тоа не е прашање на желба, туку нераскинлива компаниска култура што ја практикуваме секој ден. Ваквиот начин на работа е основа за долгорочен успех на компаниите и на општеството во целина. За да работи една компанија успешно, мора да има и општествен развој. Овие односи се нераскинливи и меѓусебно се дополнуваат. Секоја компанија и институција има индивидуална можност да ги дефинира областите во кои ќе дејствува. Во секој случај практикувањето корпоративна општествена одговорност праќа позитивна порака кон заедницата дека сите заедно сме одговорни за пошироките општествени потреби.

МАРИЛИ: Каква е поддршката од Управниот одбор на ЕВН кога ги поставувате идејните проекти што Ве отсликуваат како општествено одговорна компанија и проектите што се поразлични и авангардни, но се важни и носат придобивки за Вашата фирма?
КАРПУЗОВСКА :
Општествената одговорност како концепт не се базира врз индивидуална одлука, туку врз колективна определба. Секако, крајните одлуки на овој план се донесуваат со поддршка на Управниот одбор на компанијата што ја следи таа колективна определба, а често дел од проектите произлегуваат токму од топ-менаџментот. Тој активно учествува во сите проекти, не само на ниво на идеја туку и на ниво на реализација. Исто така, во реализирањето на поголем дел од проектите учествуваат и сите вработени во различни етапи и на различни начини.

МАРИЛИ: Какво е Вашето согледување за проектите што ја поддржуваат жената во бизнисот, како што е проектот на агенцијата „Марили“ во кој учествувавте и Вие, а тоа е „Избор на најуспешни жени менаџери од РМ и од дијаспората“. Истовремено Вие лично ги поддржувате и активностите какви што има во МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБОТ, а кои ги поттикнуваат жените менаџери да соработуваат, да си помагаат, но и да прават дела што се општествено полезни и хумани.
КАРПУЗОВСКА :
Во основа јас верувам во индивидуалните амбиции и способности на секој човек да го постигне тоа што го смета за своја цел. Полот не го гледам како некаква пречка во таа насока. Верувам дека ако некој маж или жена цврсто е определен/а да го постигне тоа што го сака и активно работи на тоа, може сè да се оствари. Секако полот има одредени детерминанти, но тоа се само нијанси на патот до успехот. Ги поддржувам сите облици на соработка и поттикнување на помладите во светот на бизнисот. Оттука и оваа Ваша иницијатива е многу корисна во таа насока. Може да размислите во иднина да вклучите и мажи менаџери бидејќи во светот на бизнисот сите сме исти, а успехот најмалку зависи од полот.

МАРИЛИ: Каков е статусот на жените во менаџментот на ЕВН, со оглед дека во оваа индустрија преовладува машки кадар?
КАРПУЗОВСКА :
„ЕВН Македонија“ како компанија нуди еднакви можности за сите што сакаат да работат и да имаат одговорност. За тоа зборува и фактот дека во компанија што се перципира како „машка“ поради дејноста, на менаџерски позиции има неколку жени што успешно ги водат своите сектори. Дополнително, „ЕВН Македонија“ спроведува и Проект за полова еднаквост во енергетскиот сектор. Преку овој проект се запознаваат децата, особено девојчињата за спецификите на инженерските науки и со работните позиции во компанијата. Се работат и многу други проекти што го поттикнуваат учеството на жените во компанијата и на позиции што се претежно „машки“. Оттука, во овој сегмент „ЕВН Македонија“ е пример за уривање на табуата и на стереотипите за „машки/женски“ професии. 

МАРИЛИ: Колку е напорно да се биде успешна жена менаџер и истовремено да се одговори на сите обврски како жена и мајка?
КАРПУЗОВСКА : 
За да биде среќен еден човек важно е да биде реализиран и приватно и професионално. Јас сум среќна и исполнета жена на личен и на професионален план, а овие два сегмента цврсто се дополнуваат. Успесите се релативни, но секогаш посакувани и присутни во мојот живот на секое поле. Моите две ќерки се мојата апсолутна вредност и посветена сум на тоа да им помогнам во процесот на растење и созревање , да станат позитивни и силни личности што ќе знаат да го следат својот сон. 

 
Содржината е прочитана 761 пати.