Инфо

Средните училишта во Скопје ќе добијат нови енергетско ефикасни фасади

Средствата во висина од 70 милиони денари се обезбедени со пренамена од проектот „Скопје 2014“

петок, 12 јануари 2018

Сите средни училишта во Скопје ќе добијат нови, енергетско ефикасни фасади, а средствата во висина од 70 милиони денари се обезбедени со пренамена од проектот „Скопје 2014“, најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој појасни дека е планирано реконструкцијата на средните училишта да почне на 10 јуни и да трае до почетокот на новата учебна година.

„Со реконструкцијата на фасадите ќе ги опфатиме сите средни училишта коишто имаат потреба од тоа. Со ова училиштата ќе добијат енергетски ефикасни фасади според современите стандарди за рационализација и за заштеда на енергија. Покрај фасадите, предвидена е реконструкција и на покривите и на надворешната столарија, таму каде што е потребно“, рече Шилегов и додаде дека годинашниот буџет на Град Скопје за образование е двојно зголемен во споредба со лани и изнесува 163,2 милиони денари.

Шилегов најави дека ќе бидат поставени и филтри за воздух во секоја училница во сите 23 средни училишта.

 

Содржината е прочитана 100 пати.