Бизнис вести

Македонија издаде еврообврзница од половина милијарда евра

Парите од еврообврзницата, која е со рок на достасување од седум години и со каматна стапка од 2,75 отсто, ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит и за отплата на долгови

петок, 12 јануари 2018

Министерството за финансии на меѓународниот пазар на капитал издаде еврообврзница на износ од половина милијарда евра со рок на достасување од седум години и каматна стапка од 2,75 отсто.

Според Министерството, ова е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници која се должи на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и на поволните услови на меѓународните пазари на капитал. Каматните стапки на петте претходно издадени обврзници се движат меѓу 3,975 и 9,875 отсто.

Од Министерството појаснуваат дека побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница била во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над седум пати повисока од понудата, што овозможило да се постигне каматна стапка од 2,75 отсто на годишно ниво, односно стапка на принос од 3 отсто.

Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од еврообврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит и за отплата на долгови, вклучително и првата рата на PBG – кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра, што доспева на крајот на јануари.

За првпат е извршен и делумен предвремен откуп на постоечка еврообврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година којашто достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка е 4,8 отсто.
 

Содржината е прочитана 163 пати.