Инфо

Агенцијата за лекови откри фалсификуван лек во повеќе пакувања

Засега, а во интерес на постапката што се води во Обвинителството, не се открива за кој лек се работи, но се потенцира дека тој не бил пуштен во употреба

четврток, 11 јануари 2018

Агенцијата за лекови открила еден фалсификуван лек во повеќе пакувања, кој не бил пуштен во употреба. Ова го рече директорот на Агенцијата, Роберт Бекироски, но во интерес на постапката што се води во Обвинителството, тој не откри за кој лек станува збор.

„Презедовме активности за справување со фалсификуваните лекови. Со законските измени кои се во собраниска процедура ќе се зајакне контролата на паралелниот увоз на лекови. Паралелниот увоз на лекови е мерка која датира од крајот на 2013 година и предизвикува несигурност и недоверба кај граѓаните. Со предложените промени, дистрибутерите ќе треба да обезбедат сертификат за квалитет на производот од производителот, сертификат за квалитет од акредитирана референтна лабораторија и доказ дека лекот е следен од местото на производство до крајното место на испорака“, појасни Бекироски.

Директорот потенцираше дека инсулините кои биле пушени во промет во изминатиот период се со проверен квалитет.

„Во изминатите месеци сите инсулини што беа донесени со паралелен увоз на лекови детаљно и поединечно беа инспектирани и во соработка со референтни лаборатории овозможени се услови за нивна комплетна анализа. Моментално и во иднина врз инсулините ќе се вршат целосни анализи согласно пропишаните барања за квалитет“, рече Бекироски.
 

Содржината е прочитана 137 пати.