Бизнис вести

„Алкалоид“ со нова инвестиција од 2,5 милиони евра

Компанијата пушти во употреба три нови производни капацитети: Погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, Централна Вагална 2 и Одделение за пакување цврсти фармацевтски форми

четврток, 11 јануари 2018

Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ официјално предаде во употреба три инвестициски капацитети кои се во рамки на профитниот центар Фармација. Станува збор за Погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми (масти, креми, гелови и вагитории), Централна Вагална 2 и Одделение за пакување цврсти фармацевтски форми.

Вредноста на новата инвестиција на компанијата изнесува над 2,5 милиони евра. При изведбата на сите овие капацитети, коишто се простираат на површина од над 1.000 квадратни метри, имплементирани се најсовремените стандарди за Добра Производна Пракса (GMP).

„Присуството на компанијата на пазарите во над 30 земји во светот и постојаното тежнеење кон отворање нови пазари и нови перспективи, налага внимателно следење на трендовите од областа на здравството и фармацијата и нивно имплементирање во секојдневното работење. За таа цел, инвестициите во нови капацитети, технологија, знаење и кадар ќе продолжат да бидат императив во нашите секојдневни операции. Хуманата програмско-производна определба насочена првенствено кон крајните корисници, е начелото според кое се водиме и ќе продолжиме да се водиме во секојдневните операции, притоа строго внимавајќи на кредибилитетот и професионалниот пристап кои ги практикуваме и спроведуваме во нашето севкупно работење“, рече генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов на свеченото предавање на новите погони.

Погонот за производство на полуцврсти фармацевтски форми зафаќа површина од 460 квадратни метри и во него се одвива комплетниот процес на вагање на суровините, подготовка на полупроизводи, како и дозирање и пакување на готовите производи. Вкупната вредност на овој зафат изнесува околу 1,4 милиони евра, од кои 400.000 евра е вредноста на инсталираните хомогенизатори со кои се обезбедува подготовка на сите типови полуцврсти фармацевтски форми.

За Централната Вагална 2, којашто се простира на површина од 240 квадрати, компанијата алоцираше 600.000 евра. Опремата се состои од систем за вагање кој служи за контролирање, мониторирање и менаџирање на процесот на мерење на активните и помошните супстанци кои влегуваат во составот на цврстите фармацевтски форми и како влезна точка на производниот процес, истата е интегрирана со САП/ЕРП системот на „Алкалоид“.

Одделението за пакување на цврсти форми зафаќа површина од 300 квадратни метри и се состои од две производни линии: линија за блистер пакување и линија за стрип пакување на цврсти фармацевтски форми. Вредноста на овој проект изнесува 500.000 евра.
 

Содржината е прочитана 242 пати.