Бизнис вести

Светска банка: Македонската економија годинава со раст од 3,2 отсто

Во извештајот на СБ се вели дека по надминувањето на политичката криза, главни проблеми остануваат невработеноста, фискалната консолидација и можноста за зголемување на фискалниот дефицит поради најавените трошоци за инфраструктурни проекти

среда, 10 јануари 2018

Македонската економија годинава ќе оствари раст од 3,2 отсто, прогнозира Светска банка во најновиот извештај за економските перспективи во кој се додава дека растот на БДП во 2019 ќе биде 3,9 проценти, а во 2020 година 4 отсто.

Во извештајот се вели дека по надминувањето на политичката криза, во Македонија главни проблеми остануваат невработеноста, фискалната консолидација и можноста за зголемување на фискалниот дефицит поради најавените трошоци за инфраструктурни проекти.

Според прогнозите, од земјите во регионот Албанија ќе има раст од 3,6 отсто, БиХ од 3,2, Бугарија 3,3 отсто, во Србија се прогнозира раст од 3 проценти, во Хрватска од 2,6, во Црна Гора 2,8, а во Косово од 4,8 отсто.

На глобално ниво, пак, проекциите се дека економијата годинава ќе има раст од 3,1 процент, што е најдобар резултат во последните седум години. Светска банка ја зголеми за 0,3 процентни поени својата прогноза за раст на глобалната економија во 2018 година. Главниот автор на шестмесечниот извештај на СБ, Ајхан Косе смета дека оваа година има добри шанси да биде првата година по финансиската криза од 2008 и дека светската економија ќе работи речиси со целосна моќ.

Проекциите на СБ се дека глобалната економија годинава ќе ја „влече“ Азија, со проектиран раст од 6,9 проценти во Југоисточна Азија и со 6,2 отсто во Источна Азија и во Пацифичкиот регион. За еврозоната, пак, е проектиран раст од 2,2 отсто, за САД 2,5, а за Велика Британија само 1,4 отсто.

За 2019 година Светска банка прогнозира стабилен раст од 3 отсто, а за 2020 од 2,9 отсто. Според проекциите, помеѓу 2020 и 2030 година ќе има нестабилен и помал економски раст на глобално ниво и за овие 10 години прогнозата е за просечен раст од 2,3 проценти. Главната причина за тоа се структурни проблеми.
 

Содржината е прочитана 25 пати.