Бизнис вести

Џеф Безос е најбогат човек во историјата со 105,5 милијарди долари

Основачот на „Amazon“ се искачи на врвот на престижната листа најбогати луѓе што ја изготвува „Bloomberg“ и го симна од тронот основачот на Microsoft, Бил Гејтс чие богатство е проценето на „само“ 89,1 милијарди долари

среда, 10 јануари 2018

Џеф Безос и официјално е најбогат човек во историјата на човештвото со богатство што тежи фантастични 105,5 милијарди долари. Основачот на „Amazon“ се искачи на врвот на престижната листа најбогати луѓе што ја изготвува „Bloomberg“ и го симна од тронот на кој претходно неприкосновено царуваше основачот на Microsoft, Бил Гејтс.

Безос е првиот човек чиј имот ја надмина сумата од 100 милијарди долари. Неготвото богатство во 2017 се зголеми за дури 32,6 милијарди долари и претставува најголем раст во историјата на Индексот на милијардери на „Bloomberg“. Богатството на Гејтс, пак, е проценето на „само“ 89,1 милијарди долари.

Најголем дел од богатството на Безос доаѓа од компанијата „Amazon“, каде лично тој поседува 78,9 милиони акции. Акциите на компанијата, пак, завчера пораснале за 1,4 отсто од што Безос инкасирал околу 1,4 милијарди долари. По растот од 56 отсто минатата година, акциите на „Amazon“ повторно ја зголемија својата вредност за 7 проценти на почетокот на оваа година.

Иако заработил невидено богаство, тој во една прилика кажал дека не го покренал „Amazon“ само за да се збогати.

„Знаев дека кога ќе наполнам 80 години ќе зажалам поради се ова. Ќе зажалев ако не пробав да учествувам во таа работа која се вика интернет. Знаев дека тоа ќе биде нешто големо“, рекол во едно интервју пред неколку години.

Иако располага со огромно богатство, Безос, за разлика од Гејтс, засега се откажа од релативно мал дел од парите во корист на сиромашните. Тој од неодамна ѝ се посвети на филантропијата, па во јуни минатата година преку Твитер побара совети за тоа како најдобро да им помогне на другите.

Според „Bloomberg“, Безос во 2002 година ги подели акциите во сегашната вредност од околу 500 милиони долари. Доколку Бил Гејст не поделеше речиси 700 милиони долари вредни акции на Microsoft и безмалку три милијарди долари на добротвори организации, тој денес убедливо би бил прв на листата најбогати луѓе на светот и би тежел околу 150 милијарди долари.

Џефри Престон Безос е роден на 12 јануари 1964 година во Албакерки, Њу Мексико, САД. Се школувал на Универзитетот „Princeton“. Женет е и е татко на четири деца. Безос е американски технолошки и малопродажен претприемач, инвеститор, електроинженер, компјутерски научник и филантроп. Најпознат е како основач, претседател и главен извршен директор на „Amazon.com“, најголемиот светски онлајн шопинг. Компанијата започна како интернет трговец на книги и се прошири на широк спектар производи и услуги, меѓу кои и со видео и аудио пренос. „Amazon.com“ е моментално најголемата светска компанија за продажба на Интернет на World Wide Web и најголем снабдувач на инфраструктурни услуги во светот, кој е достапен преку неговата веб-страница Аmazon Web Services.

Но, покрај „Amazon“, Безос има и други бизниси. Тој е основач и производител на „Blue Origin“ (основана во 2000 година) со тест летови до вселената, што започнаа во 2015 година, а од оваа година се планира и за комерцијални суборбитални човечки летови. Во 2013 година, Безос го купи весникот „Washington Post“. Голем број други деловни инвестиции се управуваат преку „Bezos Expeditions“.

 

Содржината е прочитана 268 пати.