Бизнис вести

Расте трговската размена на Македонија

Во периодот јануари-ноември 2017 година вкупната трговска размена достигнала 10,7 милијарди евра. Извозот бил во вредност од 4,5 милијарди, а увозот 6,1 милијарди евра

петок, 05 јануари 2018

Македонија лани забележала раст на надворешно трговската размена во споредба со претходната година и тоа како во извозот, така и во увозот. Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – ноември 2017 година вкупната трговска размена достигнала 10,7 милијарди евра, што претставува зголемување од 14,2 отсто во однос на истиот период претходната година.

Податоците на Статистика покажуваат дека вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во првите 11 месеци минатата година изнесува 4,5 милијарди евра и е за 16,8 отсто поголем во споредба со истиот период 2016, додека увозот достигнал 6,1 милијарди евра, што претставува зголемување од 12,4 отсто во однос на 11-те месеци претходната година.

Македонија најмногу извезувала катализатори, сетови на проводници за палење и слично, додека увезувала платина и легури на платина, нафтени масла и масла добиени од битуменозни материјали, како и други метали од платинската група и нивни легури.

Во периодот јануари-ноември 2017 година, според вкупниот обем на надворешно трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и со Бугарија.
 

Содржината е прочитана 199 пати.