Интервјуа

Ралев: Во Скопје се случи архитектонски погром на најзначајниот период на македонската архитектура

Интервју со архитект Мишко Ралев, редовен професор и декан на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот „Американ Колеџ Скопје“. Со него разговаравме за архитектонското разобличување на Скопје, за одговорноста на архитектонската фела, професионализмот, за иднината на архитектурата во Македонија

петок, 05 јануари 2018

Мишко Ралев дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје каде во 1987 година и ја започнува својата професионална кариера прво како помлад асистент на Институтот за проектирање, а подоцна како доцент. Во 2006 година, заедно со архитект Викторија Еремеева го основаат првиот приватен факултет за технички науки во Македонија, на Универзитетот „Американ Колеџ Скопје“, каде денеска е редовен професор. Како професионален архитект има престојувано во Лондон, Кипар и во Зимбабве

МАРИЛИ: Професоре, како би го опишале денешниот изглед на Скопје, од урбанистичка и од архитекотнска гледна точка?
РАЛЕВ
: Изгледот на градот е доста нејасен и збунувачки при што цврстите контурни линии на модерното Скопје се нагризени од убиствените шкртаници на движењето за урбанистичко и архитектонско уништување со завиден степен на успешност. И тоа во било која проекција гледано: хоризонтална, вертикална и просторна.

МАРИЛИ: Нотирајте ги, според Вас, најголемите грешки направени во урбанистичкото планирање, кои објекти се погрешно поставени во просторна смисла и зошто? Кои градби Ви пречат најмногу?
РАЛЕВ:
Не би правел топ листа на најголемите промашувања, зашто целиот „проект“ Скопје 2014 е промашување за шампионска титула. На пример, кејот на реката Вардар, ако го посматраме во тлоцрт, ќе забележиме дека левата и десната страна не се симетрични, односно, дека на левата страна е одземен добар дел од партерот кој е претворен во градежни парцели по пат на тотално занемарување на нормативите за регулација на реката Вардар и надвор од здравата логика, а да не зборувам за нормативите и стандардите за урбанистичко планирање и проектирање. Само забележете ја широчината на пешачката патека пред објектот на Археолошкиот музеј и пред објектот на Обвинителството, таму каде што треба да е со широчина на улица - таа достигнува широчина на школски коридор! Да не зборувам за интенцијата со објекти да се затскријат сите објекти од постземјотресно Скопје: Македонска опера и балет, Факултетот за музичка уметност и средното музичко училиште. Но, состојбата е уште пострашна кога ќе анализирате каде е поставен Македонскиот народен театар - на сообраќајна клучка на две нивоа, како да е магацин. И, згора на тоа, погледот кон него од Кале е нарушен со објектот на гаражната куќа, која, замислете, е повисока од театарот. Внимавајте, главниот влез е од запад. Направете само споредба со локацијата на Народното казалиште во Загреб, објект сместен во средиште на парк. Еве уште еден предлог за анализа: приземјето на хотелот „Мериот“, кој е лоциран на главниот градски плоштад, ниту има влез, ниту ресторан, ниту тераса. Терасата е изведена во колиба надвор од корпусот на хотелот, лудница! Ако забележавте, јас во ниеден момент не зборувам за стил, декорација, архитектонски израз и јазик. За тоа и нема ниту време, ниту место во ваков формат.

МАРИЛИ: На Скопје, евидентно му е нанесена голема градителска штета. Дали и како може да се санира таа, односно, дали треба да се пристапи кон уривање на одредени објекти, нешто што го најави Комисијата којашто ја формираше Владата за да ги утврди последиците од „Скопје 2014“? Спомениците, веројатно се најмал проблем, но, што е со градбите? Што би било помало зло за градот, да се урива до темел, или нештата да се остават такви какви што се?
РАЛЕВ
: Сите би биле најсреќни кога би ги снемало овие објекти, но тоа нема да се случи колку и да го посакуваме ние. И тоа од една причина, ќе чини многу и пари и време, а ние ниту имаме пари, ниту, пак, време, туку само желба. Сепак, хипотетички, ако е можно, јас би започнал со враќање на облиците и формите на прерушените објекти кои (беа) се „лендмарк“ на Скопје: зградата на Владата, објектот на ЕВН и ЕЛЕМ, објектот на некогашна НА-МА.

МАРИЛИ: Дали воопшто има пример во светот на рушење на функционални објекти?
РАЛЕВ
: Се е можно, но како што реков, потребни се пари и време. Сепак, до сега не сум чул дека се срушени тукушто изградени објекти. Да, срушени се и познати згради, на познати архитекти, но, после најмалку 25-50 години. Притоа, финансискиот товар, сепак, го поднеле приватни лица или компании.

МАРИЛИ: Колкаво е влијанието на новите градби во централното градско подрачје врз загадувањето, како тие влијаат на скопската клима, особено имајќи го во предвид десеткуваното зеленило не само во градот, туку и на Водно?
РАЛЕВ
:
Се разбира дека големата густина на изградениот простор негативно влијае врз квалитетот на микроклимата. Сепак, ако знаеме дека централните подрачја на сите градови се густо изградени и густо населени, не мора да значи дека автоматски се и загадени. Има уште многу други фактори кои влијаат врз загадувањето. Бидејќи, градот претставува „супер систем“ составен од повеќе интегрирани подсистеми, но изгледа дека овој принцип не важи за Скопје. Тоа е повеќе „збир“ на подсистеми кои опстојуваат еден покрај друг и затоа што се необединети, тие се инертни и слаби. Земето го, на пример, сообраќајниот систем, наместо да биде флексибилен и во постојано менување според условите на дневните промени во сообраќајната статистика, тој не само што не се менува дневно, туку не се менува воопшто! А, сообраќајот е крвоток на еден град, ако е тој затруен, автоматски и градот е затруен.

 

МАРИЛИ: Како ја коментирате досегашната практика комплетно да се менува ликот на градот без воопшто да се побара мислење, или барем да се консултира стручната јавност?
РАЛЕВ
: Вакво игнорирање на струката не е забележано во историјата на архитектурата. Но, причината е кристално јасна, за ваков „подвиг“ експерти не се потребни, напротив, тие би ја уништиле забавата.

МАРИЛИ: Дали сметате дека отсуството на експертската реч и молкот на архитектонската фела беа пресудни да се избриши цел еден период на македонската архитектура во Скопје?
РАЛЕВ
: Јас никогаш нема да се согласам дека архитектите молчеле. Да ве потсетам дека во самиот зародиш на проектот, Асоцијацијата на архитекти на Македонија донесе „Декларација против Скопје 2014“, која беше проследена до Владата и до претстедателот на Република Македонија. Но, логично беше дека тие ќе ја отфрлат. Затоа треба да се каже дека, всушност, јавноста остана индиферентна и не ни се приклучи нам, на архитектите. И тоа не само онаа општа јавност, туку и „експертската“ јавност на комплементарните инженерски струки. Сетете се како јавноста го бранеше Цветниот плоштад во Загреб пред десетина години, не ги оставија архитектите сами. А, кај нас, Градежниот факултет е носител на проектот за префасадирање на објектот на ЕЛЕМ и ЕВН! Што ни говори тоа? Но, успеавме да го спасиме ГТЦ. Успеавме да ја анимираме јавноста која сложно застана во одбрана на автентичноста на делото, за кое мислам дека е најзначајниот објект било кога изграден во Македонија. Во моето обраќање до насобраните граѓани во еден момент се запрашав, дали после ГТЦ моќниците ќе тргнат во редизајн на творештвото на Петар Мазев, па ќе имавме една сосема друга ретроспектива на овој наш врвен уметник!? Сепак, не сум сигурен дека тие се уплашија од нас. Заради некои информации склон сум да верувам дека, сепак, тој залак беше прескап за Владата, а патем, ниту една финансиска групација не се нафати да го финансира, зашто од авион се гледа дека е тоа бунар без дно. Но, би сакал да верувам дека ние победивме.

МАРИЛИ: Сепак, со ретки исклучоци кога архитектите успеаја да го спасат ГТЦ, се доби впечаток како воопшто да не им се слушаше гласот и како се да препуштија на некои „новопроектирани“ архитекти, чии визии беа на Скопје да му дадат лик на стар град, а не на модерен центар и кои наместо да проектираат објекти за 22.век, цртаа згради со елементи од вековно стара архитектура. Можеше ли воопшто да се спречи тоа?
РАЛЕВ
: За малиот број изгубени т.н. архитекти кои го дизајнираа овој кич, не би трошел зборови. Но, секогаш ќе најдете некој опортунист, или поточно комформист кој ќе се нафати да биде егзекутор на налудничавите идеи на „Главниот архитект“, кој наместо визија и политичка прагма, пред себе држи разгледници од светски метрополи како проектна програма за неговото Скопје.

МАРИЛИ: Минатата 2017 година ја заокруживте со самостојна изложба насловена „Комуникација: архитектура и дизајн“. Објаснете ја накратко поврзаноста на комуникацијата меѓу архитектурата и дизајнот и колку, како што велите, потрагата по вистинските вредности на ваквиот вид творештво може да придонесе архитектурата да биде отргната од маргините на општествениот и културен живот и конечно да се врати на местото што ѝ припаѓа?
РАЛЕВ
: Целта на мојата изложба е да се проговори за архитектурата и дизајнот како генеративен дел на нашата култура, зашто тие тоа и се. Кога јавноста би била едуцирана за ваквиот вид творештво, не би дозволила да се случи архитектонскиот погром на најзначајниот период на македонската архитектура. Она по што Скопје е бренд во светски рамки, е токму постземјотресниот период, кога во еден миг се проектирани и изградени најзначајните објекти на јавните и на културните институции на оваа држава. Овој период, кој јас го нарекувам херојски, е феномен во европската и во светската архитектура. Но, како општество, ние целосно го заборавивме тоа и тотално неписмено се свртевме во менување на историјата. Ние имаме тотално незнаење за архитектурата и архитектите, нешто што мораме да го промениме што побрзо. Во таа насока е и мојата изложба, да ја поттикне општата јавност да се запознае со ваквиот вид творештво, а стручната јавност критички да се однесува кон истото. Насловот е произлезен од мојот теориски и практичен интерес во областа на архитектурата и дизајнот, кои од секогаш биле и се во постојана комуникација. Методологијата на нивното создавање е во основа иста, дизајнот е директно произлезен од архитектурата во моментот кога архитектот Петер Беренс бил назначен за директор на одделот за индустриски дизајн во германскиот индустриски концерн АЕГ.
Изложбите ќе го стават овој вид творештво на критичкиот поглед на јавноста, а со тоа може да се придонесе во градењето квалитетен вредносен систем произлезен од стручно и научно толкување на процесите во општеството каде што архитектурата треба да си го завземе вистинското место кое ѝ припаѓа.
 

 

Содржината е прочитана 3837 пати.