Инфо

Угостителите се помалку издаваат фискални сметки, УЈП најавува засилени контроли

Податоците на ГПРС системот на УЈП покажале дека угостителите прикажале многу мал промет за Новогодишните празници

четврток, 04 јануари 2018

Управата за јавни приходи (УЈП) ќе ги засили инспекциските контроли по угостителските објекти и дуќани, бидејќи анализите од податоците на ГПРС системот покажале дека добар дел од нив прикажале помал промет за Новогодишните празници. Имено, било забележано дека во празничната еуфорија кафеанџиите не го регистрирале прометот и не издавале фискални, туку само компјутерски сметки, печатени од обичен принтер.

„Евидентирани се нереални состојби на готовинскиот промет кај одредени објекти, особено имајќи предвид дека во периодот на Новогодишните празници е зголемена потрошувачката кај определени дејности. Управата за јавни приходи кај сите овие објекти ќе изврши и контроли на терен“, велат од УЈП.

Но, освен неиздавањето фискални сметки, во текот на празничните денови, како и во деновите претходно ретко се почитуваше и Законот за забрана на пушењето, па освен во најлонските тераси каде пушењето е дозволено, се пушеше и во затворените делови на кафулињата, рестораните и во дискотеките. Контролата за пушење во затворените објекти е во надлежност на Пазарната инспекција, но оттаму се уште нема никакви најави за евентуални засилени контроли.

Како што е познато, согласно важечкиот Закон за пушење, пушењето е дозволено само во бавчите, или во деловите од угостителските објекти каде нема покрив, или, пак, се отворени од најмалку три страни. А, пушењето во затворените делови на кафеаните и рестораните зачести откако беше најавено дека ќе се прават измени на Законот. Поточно, Владата најави дека ќе поднесе предлог за либерализација на актуелниот Закон, што би значело, пред се, прецизирање на одредбите околу тоа како точно треба да бидат конципирани деловите од објектите во кои ќе биде дозволено пушење. Притоа беше потенцирано дека во оние угостителски објекти во кои се служи храна, пушењето ќе биде најстрого забрането. 
 

Но, иако предлогот за законските измени е се уште во собраниска процедура и е далеку од усвојување, се чини угостителите побрзаа и на своја рака ги протолкуваа измените како конечно укинување на забраната за пушење, па самоволно почнаа да дозволуваат да се пуши и во затворените делови од објектите.
 

Содржината е прочитана 159 пати.