Бизнис вести

Расте извозот од индустриските зони, се зголемува интересот за нови инвестиции

Компаниите што работат во ТИР зоните оствариле извоз од над 2 милијарди евра во 2017 година, што е пораст од 29,2 проценти во однос на претходната година

среда, 03 јануари 2018

Се зголемува интересот за нови инвестиции на компании со домашен и странски капитал откако Владата го објави Планот за економски раст. Од Дирецијата на ТИРЗ велат дека компаниите што работат во индустриските зони оствариле извоз од над 2 милијарди евра во 2017 година, што е пораст од 29,2 проценти во однос на претходната година.

Со владиниот План, ТИР зоните за прв пат нудат еднакви и транспарентни услови за инвестирање и ги отвораат вратите и за домашните инвеститори, па имајќи ги во предвид најавите за нови инвестиции, се очекува извозот од ТИРЗ да оди по нагорна линија и во наредните години.

За тоа најдобро говорат неколкуте потпишани нови договори, изградбата на нови фабрики, како и очекуваниот старт со работа на македонската „Хај-тек“ и компанијата „Герман електро системс“. Во последниот квартал од 2017 година поставен е камен-темелник на турската компанија „Чагатај Кабло“ за производство на жици и кабли, потпишани се инвестициски договори со турската компанија „Мурат Тиџарет“ која ќе произведува кабли и електрични инсталации и со германската компанија „Кеслер“ за производство на електромотори, додека италијанската „МСА“ е во финална фаза на изградба на својата нова фабрика.
 

Содржината е прочитана 144 пати.