Бизнис вести

Заев им порача на бизнисмените дека не е време за избори, туку е време да почнат да инвестираат

И премиерот и првиот финансиер во државата се убедени дека оваа година ќе има силно придвижување на приватните инвестиции, што, пак, ќе отвори голем број работни места и ќе значи голем економски раст

среда, 03 јануари 2018

Економијата во Македонија сериозно заздравува по долгата политичка криза, па 2018 година ќе биде година на економски раст. Вакви се очекувањата на премиерот Зоран Заев и на министерот за финансии, Драган Тевдовски, кои оптимизмот го темелат на вкупната реализација на капиталните инвестиции во 2017 година од 83,6 проценти, што е најголема стапка на реализација од 2013 година, но и на порастот на приходите во буџетот.

И премиерот и првиот финансиер во државата се убедени дека оваа година ќе има силно придвижување на приватните инвестиции, што, пак, ќе отвори голем број работни места.

„Не е време за избори, време е за работа“, им порача Заев на бизнисмените, охрабрувајќи ги да прават планови за тековната година и да почнат да инвестираат.

Вкупната реализација на капиталните инвестиции, која изнесува 19,8 милијарди денари, најногу пораснала во последниот месец од минатата година и тоа, пред се, како што рече Заев, поради 96-процентното остварување на ИПА компонентите. Ваквите бројки се резултат и на притисокот врз институциите да го реализираат планираното и на одлуката да се пренаменат средства за плаќање на сработеното во стопанството.

„Во 2017 година е зголемена реализацијата во ИПА компонентите, каде остварувањата се 96 отсто, а во ИПАРД, иако имавме низок план, сепак, реализацијата е 90 проценти“, рече Заев.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски потенцираше дека лани, во однос на 2016 година даночните приходи се зголемени за 4,6 отсто, додека повратот на ДДВ кон стопанството бележи раст од 2,2 милијарди денари. Тој најави дека оваа година Министерството ќе продолжи со неселективното и брзо враќање на ДДВ, што ќе придонесе за подобра ликвидност на стопанството.
 

Содржината е прочитана 172 пати.