Бизнис вести

„Thor“ ќе ја гради првата приватна ветерница во Македонија

Ветерната електрана „Богословец“ што ќе се гради на територија на општините Свети Николе и Штип ќе има капацитет од 33 мегавати

петок, 29 декември 2017

Првата приватна ветерна електрана во Македонија ќе ја гради компанијата „Thor“. Владата вчера даде зелено светло и одговори позитивно на барањето на компанијата за изградба на ветерна електрана „Богословец“ на територија на општините Свети Николе и Штип. Електраната ќе има капацитет од 33 мегавати.

„Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со поднесеното барање на ‘ТХОР ИМПЕКС ДООЕЛ’, Скопје за издавање овластување за изградба на ветерна електрана ‘Богословец’ и донесе одлуката за одобрување изградба на оваа ветерна електрана, како прва од ваков тип во приватна сопственост“, стои во соопштението од Владата.

Проектот „Парк на ветерни електрани Богословец“ предвидува на територијата на општините Свети Николе и Штип да се изградат 10 столба на коишто ќе се постават турбини со моќност од 3,3 мегавати, да се догради и прошири постојниот пристапен пат и да се изгради ТС 20(30)/110kV со приклучен далновод 2x110kV.

Thor планира приклучокот на паркот на ветерни електрани на постојниот 110kV вод ТС Овче Поле – ТС Штип да го направи со изградба на далновод 2x110 kV и на трафостаница ТС 33/110kV Богословец.
 

Содржината е прочитана 194 пати.