Интервјуа

Интервју со госпоѓа Верица Пандиловска-Гичева, естраден уметник

Годинава што изминува беше плодна и успешна за една од нашите најдобри поп-пејачки - Верица Пандиловска-Гичева. Таа издаде нов аудио и видео материјал и во своето интервју пренесе порака за тоа што претставува музиката: „Музиката треба да им даде оддишка и да предизвика радост, насмевка и позитивна енергија кај луѓето. Ние пејачите, исто како и спортистите и уметниците, сме најголеми амбасадори на една држава. Мојата работа е со музиката, да им го разубавувам животот на другите, но и себеси. Јас сум пејачка и тоа ќе останам. Мене ми е работа да бидам на сцена и таму да се реализирам. Песните се моите пораки, а моето поле на докажување е сцената. Мојот ветер в грб ми е во градите. Имам сѐ што ми е потребно и го негувам, секојдневно го надградувам тоа“

петок, 29 декември 2017

МАРИЛИ: Госпоѓа Пандиловска-Гичева, годинава го промовиравте новиот албум „Само за тебе“, но и новиот спот „Нема да остареш“, кој го носи името на една од композициите од албумот. Кажете ни колку време ги подготвувавте овие проекти и како дојде до соработка со Дејан Миличевиќ ?
ПАНДИЛОВСКА-ГИЧЕВА:
Албумот е насловен „Само за тебе“ по песна на Салваторе Монети, на текст на Јасмина Кантарџиева, а одличниот аранжман го направи Љупчо Мирковски за Ревискиот оркестар на МРТ. Особено ми е драго што Вие, како „Бизнис каталог“, заедно со Вашите ценети почитувачи, можевте први да го имате моето цеде во Вашето претходно издание. Во ист период албумот се појави и на Амазон и на И-беј. 

Во него се сместени повеќе песни што се сработени во изминатиот период. Цедето содржи вкупно единаесет музички нумери. „Врати ми го мигот“ (песната ја има во две верзии - студиска и оркестарска) и „Само за тебе“ (насловната нумера) се авторско дело на познатиот италијански композитор Салваторе Монети, односно негова е музиката, а Јасмина Кантарџиева го напиша текстот и за двете композиции. За „Нема да остареш“ музиката и аранжманот се на Дарко Димитров, автор на текстот е Огнен Неделковски, а видеото е во режија на Дејан Миличевиќ. „Черги две“ е нумера на Васко Серафимов музика, Јасмина Кантарџиева го напиша текстот, додека аранжманот го направи Валентино Скендеровски. За многу кратко време оваа нумера постигна неверојатна слушаност. На ова цеде има дури и две верзии. Базичната студиска верзија со која победив на „Охрид фест“ и тамбурашка верзија со групата „Гезме“. „Ѕвезден пат“ е нумера на Љупчо Мирковски, а во аранжман на Светослав Лобошки од Бугарија. „Можеби сум луда“ е авторско дело на Кристијан Гaбровски, односно негови се музиката, текстот и аранжманот.Калиопи е автор на музиката и текстот за „Северно од мене, јужно од тебе“, а аранжманот е на Дарко Димитров. „Кактус“ е дело на Светослав Лобошки, тој е автор на музиката и аранжманот, а текстот е на Огнен Неделковски. „Ти не си таков“ е дело на Љупчо Мирковски, музиката и аранжманот, текстот е на Јасмина Кантарџиева, а сето ова е изведено под диригентската палка на Запро Запров и хорот „Рустико“. Во однос на соработката со Миличевиќ може да кажам дека тоа беше многу логичен ред на нештата. Пред сè, Дејан е мој долгогодишен пријател и, секако, човек од доверба. Имено, од 2000 година наваму нему му препуштив да ги режира сите спотови што ги снимив во изминативе седумнаесет години - од „Кучкин син“, „Капка пот“, „Животот е“, „Цвеќе за извини“, „Бело знаме“, па и сè друго. Во однос на него само би рекла дека довербата се заслужува и со респект ќе кажам дека таа е клуч на нашето долгогодишно пријателство. Како резултат на оваа доверба се реализираше и спотот за „Нема да остареш“. Спотот е снимен во „Буши Спа Рисорт“, новиот хотел во Скопје под Калето и се надевам дека доловивме нешто што досега не било снимено кај нас. И јас сум различна во спотот, сакав да ме видат во посуптилна светлина. Се снимаше во Скопје, а делови од спотот во Белград и во Охрид. За потребите на медиумите со Миличевиќ направивме и адекватна необична фотосесија. За шминката и за фризурата се погрижи Сергеј Варошлија.Дел од оваа нова фотосесија се и фотографиите што ексклузивно ги има во овој нов „Бизнис каталог“.

МАРИЛИ: Во новиот албум Вашиот извонреден вокал се претстави во балади, но и низ одлични текстови. Работевте и со наши врвни музички имиња. Кажете ни со кого остваривте соработка овој пат?ПАНДИЛОВСКА-ГИЧЕВА: Драго ми е што ми се укажа можност на ова цеде да имам звук на „Сан Ремо“ благодарејќи на Салваторе Монети и на песните што тој ми ги напиша. Тој е врвен автор што редовно е застапен на „Сан Ремо“, а пред неколку години имаше и дует со прекрасната Ана Окса. Потоа соработката со Лобошки, кој е вистински хит-мејкер во соседна Бугарија. Секако посебно внимание ми посветија нашите македонски автори со кои соработував - Дарко Димитров, Валентино Скендеровски, Калиопи, Васко Серафимов, Љупчо Мирковски, Кристијан Габровски, Јасмина Кантарџиева и Огнен Неделковски. Благодарна сум што сите овие луѓе во одреден период од креирањето и снимањето на музичките нумери го дадоа својот максимум во работата. Беше привилегија и задоволство да се работи со секој од нив.

МАРИЛИ: Албумот има и прекрасна обвивка. Кој работеше на овој софистициран дизајн и колку, според Вашето мислење, убаво спакуваниот производ е важен за успешна промоција?
ПАНДИЛОВСКА-ГИЧЕВА:
Благодарам за убавиот коментар. За обвивката на ова цеде-издание се погрижи „DVISUALART“, односно Дејан Величковиќ кој во изминативе години ги изработува сите мои идејни решенија за аудио и за дивиди-издание. Тој ја креираше и мојата нова страница: www.vericapandilovska.com.mk Фотографијата на обвивката е дело на Дејан Миличевиќ. За успешна промоција секако е важно да има убаво спакуван производ, но пакетот и тимот што работи на севкупниот производ е комбинација што секогаш добива. Значи, сè е битно - песните, аудио и видеоснимањето, текстовите, аранжманите, врвните музичари што ја свират музиката, продукцијата, стајлингот.

МАРИЛИ: Одличниот видеоспот направен од Дејан Миличевиќ значи уште еден исчекор во Вашето квалитетно презентирање овде, но во иднина и надвор од границите на Р. Македонија, на Балканот. Пренесете ни ги Вашите искуства и импресии од гостувањата на подалечните дестинации.
ПАНДИЛОВСКА-ГИЧЕВА:
Навистина постои голем интерес кај медиумите за новиот музички материјал и секако за видеото за нумерата „Нема да остариш“. Дојдовме на заедничка идеја дека треба и пошироко да го пласираме тоа што сме го сработиле. Секако дека планираме во иднина да го презентираме материјалот и надвор од Македонија. Заедно со аудиоизданието со „DVISUALART“ направивме и видеоколекција што Вашите ценети читатели ќе имаат можност да ја добијат со овој нов „Бизнис каталог“. На ова дивиди се содржани сите мои спотови, фестивалските и но и некои други настапи. Во текот на кариерата имав можност да настапувам на интернационални фестивали и на интернационални индивидуални настапи. Најмногу кај нашите соседи Бугарија и Србија (на фестивалот во Будва). Минатата година настапував малку подалеку, имено имав гостување во Киргистан. Во еднонеделниот престој во оваа држава имав можност да ја претставувам својата земја Македонија. Тоа беше навистина незаборавно искуство. На официјалните вечери настапив со сопствени нумери од албумот „Бело знаме“, а во ревијалниот дел изведував светски познати хитови. Имав исклучителна можност да запознаам многу различни луѓе и култури на живеење, разновиден тип музика и благодарејќи на музиката да остварам пријателство со колеги од сите страни на светот што беа дел од овој фестивалски настан. Настапите се одржаа во „Чолпон Ата“ - летен културен центар каде што пејачите имаа можност да пеат во перфектни услови, на светска сцена, беспрекорно осветлување и озвучување. Мене лично ми е посебно драго што некаде во светот остварив „линк“ и отворив пат за понатаму за сите колеги музичари од нашава држава. Се надевам дека отсега натаму Македонија со своите музичари редовно ќе биде застапена рамо до рамо со сите светски држави на оваа далечна фестивалска дестинација.

МАРИЛИ: Вие сте перфекционист во сè што работите, па и во Вашиот медиумски настап, се грижите и за одличниот стајлинг што го потврдивте и на последната промоција. Градењето на комплетен имиџ и на музичка кариера е многу напорен процес. Сепак, според Вашето мислење, што е најтешко во оваа професија?
ПАНДИЛОВСКА-ГИЧЕВА: Секој сегмент е битен. Секако, најбитни се песните, но како што веќе напоменав, производот мора да биде комплетен. 

Градењето на имиџот трае со години. Со текот на годините сите ние еволуираме во нешто подобро. Јас лично секогаш се стремам утре да бидам подобра од денес или од вчера. Битно е да се има добра идеја, човек да биде навистина упорен и секако да може да го реализира сето тоа што го замислил.

МАРИЛИ: Каде ја гледате иднината на нашата поп-сцена? Што најмногу ни недостига во моментов?
ПАНДИЛОВСКА-ГИЧЕВА:
Во моментов најмногу ни недостига свежа музика. Нови песни, нови пејачи, свежа крв. Луѓето живеат оптоварени со сопствениот живот. Секој ден гледаме несреќни лица, гледаме паника, страв во очите на некој што минува покрај нас. Музиката е таа што треба да нè спои сите заедно. Музиката треба да им даде оддишка и да предизвика радост, насмевка и позитивна енергија. Ние пејачите, исто како и спортистите и уметниците, сме најголеми амбасадори на една држава. Мојата работа е музиката, да им го разубавувам животот на другите, но и себеси. Можеби сега звучи чудно, но музиката барем за миг им дава оддишка на луѓето. Јас сум пејачка и тоа ќе останам. Мене ми е работа да бидам на сцена и таму да се реализирам. Песните се моите пораки, а моето поле на докажување е сцената. Мојот ветер в грб ми е во градите. Имам сѐ што ми е потребно и го негувам, секојдневно го надградувам тоа.

МАРИЛИ: Кои се Вашите планови за блиска иднина, но и каква Ви е визијата за натамошната музичка кариера?
ПАНДИЛОВСКА-ГИЧЕВА:
Како секој човек, така и јас, пред сè, си посакувам добро здравје, а сè друго ќе си дојде.

 

 

 

 

 

 

 

 

Содржината е прочитана 450 пати.