Бизнис вести

Со 50 милиони евра државата ќе го поттикнува економскиот раст идната година

Владата го промовираше финалниот План за економски раст, според кој директната финансиска поддршка ќе биде наменета за сите компании подеднакво, и домашни и странски, кои ќе исполнат конретни критериуми

четврток, 28 декември 2017

Вкупно 50 милиони евра ќе даде државата идната година за да го поттикне економскиот раст и развој, за нови вработувања и за да го стимулира извозот. Владата вчера го презентираше финалниот План за економски раст, според кој, директната финансиска поддршка ќе биде наменета за сите компании подеднакво, независно дали се домашни или странски, кои ќе ги исполнат критериумите содржани во Планот.

„Условите и критериумите за поддршка се транспарентни и со тоа целосно се отстранети можностите за дискриминаторство, за тајно или за нефер одлучување. Секој инвеститор кој ќе ги исполни основните и другите соодветни критериуми самостојно ќе избира пакет мерки што најмногу одговара за неговата инвестиција“, рече премиерот Зоран Заев.

Главните критериуми што треба да ги исполнат компаниите за да добијат државна помош е во 2017 да имаат повисоки приходи и поголем број вработени од просекот во претходните три години. Владата планира со новите мерки да се обезбедат 100.000 вработувања, па во таа насока вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека ќе се стимулираат нови вработувања, но не доколку се ниско платени.

„Секој работодавач кој ќе исплати плата повисока од 18.000 денари, или над 300 евра, од државата ќе добие 60 евра назад. Со тоа сакаме да покажеме дека сме навистина загрижени за подигање на стандардот на граѓаните на Република Македонија“, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Оваа помош се однесува за прво вработување, за вработување на невработени најмалку три месеци, за лица преземени од администрација или за поранешни вработени во фирми во кои е прогласен стечај или ликвидација.

Исто така, државата ќе врши поврат на средства во висина од 10 отсто од секоја нова инвстиција во објекти, земјиште или во машини и опрема, а ќе ги поддржува странските инвеститори кои ќе ја зголемат соработката со домашните фирми.

Како што истакна Анѓушев, од проектираните 50 милиони евра помош ќе добијат сите компании од првиот и од вториот столб коишто ќе ги исполнат критериумите, а доколку нема доволно средства, пари ќе се обезбедат со ребуџетирање, или од странски извори. За третиот столб, односно, за малите и микро претпријатија предвиден е посебен пакет мерки и фонд од 12 милиони евра.

Со владините мерки, всушност се опфатени 6.700 компании кои вработуваат 80 проценти од вработените во државата.
 

Содржината е прочитана 137 пати.