Бизнис вести

Македонија треба да се фокусира на планинскиот, бањскиот и на конференцискиот туризам

За разој на туризмот неопходни се стратегија, менаџмент со ресурси и инфраструктура

вторник, 26 декември 2017

Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) потпишаа Меморандум за соработка што треба да придонесе за развој на туризмот.

Стопанствениците се согласни дека фокус треба да се стави на планинскиот, конференцискиот и на бањскиот туризам кои стануваат се поатрактивни во светски рамки. Но, за да се постигне тоа, неопходни се стратегија, менаџмент со ресурси и инфраструктура.

„Без инфраструктура нема не ниту развој на туризмот, туку, пак, развој на економијата воопшто“, рече претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа.

Претседателот на СКТМ, Касам Шакири се осврна на резултатите во туризмот реализирани годинава, потенцирајќи дека не се согласува со останатите туристички работници кои, како што рече, зборуваат за големи бројки.

„Ме чуди зошто моите колеги велат дека е остварен голем резултат во туризмот, кога во јули годинава се затворија некои капацитети. Македонија треба да менува многу за да има успешен туризам“, потенцира Шакири.
 

Содржината е прочитана 213 пати.