Бизнис вести

Вработените во „Трансмет“ добија дел од септемвриската плата, штрајкот продолжува

Работниците се закануваат со колективна тужба против компанијата и со блокади и на други патни правци доколку до Нова година не ги добијат сите плати и продонеси

вторник, 26 декември 2017

Вработените во градежната компанија „Трансмет“ го продолжуваат штрајкот пред дирекцијата во кичевско Извор, иако вчера добија дел од септемвриската плата. Велат дека ќе го блокираат патот секојдневно се додека не ги добијат сите плати, придонеси за пензиско и за здравствено осигурување и регресот за оваа година. Работниците се закануваат со колективна тужба против компанијата и со блокади и на други патни правци доколку не ги добијат заработените плати до Нова година.

Вработените се револтирани бидејќи, како што велат, не можат да дојдат до сопствениците на компанијата, а од страна на шефовите имаат силни притисоци да го прекинат штрајкот, што трае веќе шест дена. Но, тие се решени да не отстапат од намерата, бидејќи имаат се поголема поддршка.

Платите на вработените во „Трансмет“ почнале да доцнат од февруари годинава. Сопствениците на компанијата им рекле дека причина за лошата финансиска состојба е долгот од над три милиони евра што треба да го исплатат Владата и Министерството за транспорт и врски за повеќе проекти. „Трансмет“, како што е познато, е еден од подизведувачите на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, но и една од компаниите кои често добиваа државни тендери за разни градежни работи.

Сепак, министерот за транспорт, Горан Сугарески вчера потенцираше дека државата не должи пари на ниту едно претпријатие меѓу кои е и „Трансмет“ за извршени работи. И од кинеската компанија „Синохидро“ велат дека со македонскиот подизведувач „Трансмет“ ги расчистиле сите сметки.

Поранешен сопственик на „Трансмет“ е Сеад Кочан кој е првообвинет во предметот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство.
 

Содржината е прочитана 140 пати.