Бизнис вести

На кинеската „Синохидро“ ќе ѝ бидат предложени два анекса на договорот за автопатот Кичево-Охрид

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески појасни дека првиот анекс ќе биде за продолжување на рокот за изградба за околу три години, а вториот за дополнителна сума за доизградба на автопатот

понеделник, 25 декември 2017

Владата најверојатно ќе ѝ предложи на кинеската компанија „Синохидро“ два анекса на договорот за изградба на автопатот Кичево–Охрид, најави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Првиот анекс ќе биде за продолжување на рокот за изградба за околу три години, а вториот за дополнителна сума за доизградба на автопатот.

„Првиот анекс најверојатно ќе биде потпишан до 31 јануари наредната година, кога истекува рокот за довршување на изградбата. Потоа ќе следува анексот за дополнителната сума, за којашто се уште се преговара“, рече Сугарески и додаде дека доколку беа готови пресметките, ќе имаше само еден анекс и за рокот и за сумата.

Министерот негираше дека државата им должи пари на компаниите кои работат на автопатот.

„Можно е фирмите да им должат на работниците, но не и државата на фирмите“, беше категоричен Сугарески.

Околу изградбата на патот кон Албанија, тој истакна дека нема да се кажуваат рокови се додека не биде оценето дека проектната документација е во ред.

„Без добра проектна документација само ќе потпишуваме анекси на договори за изградба на патиштата. Затоа не сакам да конкретизирам датум кога ќе почне изградбата ниту на овој, ниту на патот кон Блаце“, рече Сугарески.
 

Содржината е прочитана 148 пати.