Интервјуа

Интервју со госпоѓа Ана Лабор, генерален менаџер на компанијата „RedSkyLogistics“ - Скопје и сопственик на брендот „SpiritofPrespa“

„Знам дека можам повеќе од тоа што го работам, а со цел да ѝ помогнам на локалната заедница од каде што доаѓам, почнав со правење свеќи од локални суровини, купувајќи пчелин восок од локалните пчелари. Уникатните керамички садови се направени рачно на тркало од единствениот грнчар во Ресен. Колекцијата „SpiritofPrespa“ е дизајнирана за да ве потсети на прекрасните моменти што сте ги имале во Преспанскиот Регион или да ве натера да го посетите. Црвената боја го симболизира јаболкото црвен делишес. Ќе направат да се чувствувате смирено како да седите на некоја плажа на Преспанското Езеро, слушајќи ги пчелите како доаѓаат од планините и чувствувајќи го мирисот на јаболката насекаде околу себе. Сето ова ние го претворивме во сувенир, рачно изработена свеќа само за вас, од душата на Преспа“ - вели Ана Лабор

понеделник, 25 декември 2017

МАРИЛИ: Компанијата „RedSky“, каде што Вие сте менаџер, спаѓа во секторот транспорт и логистика. Како е да се биде дел од „машкиот“ бизнис што, за жал, на Балканот сѐ уште тешко ѝ го отстапува местото на жената, особено ако се има предвид дека само една третина од компаниите во Македонија се управувани од жени и тоа во најголем дел станува збор за мали компании?
ЛАБОР:
„RedSkyLogistics“ е компанија од секторот на транспортот и логистиката. Ми претставуваше личен предизвик да докажам и да покажам дека не е никаков проблем овој „машки“ бизнис да го води и со него да раководи жена. Моето искуство, знаење и амбиции ги спроведувам во дело и воопшто не ми е проблем да менаџирам со бизнисот.

МАРИЛИ: „RedSky“ е нова компанија, основана е во 2016 година. Што е нејзина основна дејност, односно со што се занимава и какви услуги им нуди на клиентите?
ЛАБОР:
Почнавме со авионски, поморски, копнен, железнички и комбиниран транспорт од и до Балканот. Со текот на времето и на барање на нашите клиенти ги проширивме услугите со владина и со воена логистика, проектен карго- менаџмент, вонгабаритно карго, услуги од забавувачки карактер и преселби и посредување при имиграциони сервиси. Нашиот тим се фокусира на решавање на проблеми, а сето тоа е резултат на нашето долгогодишно искуство во оваа индустрија. Заедно со тимот, кој секогаш е достапен и активен кога е потребно, дури и при најтешки услови, се грижиме за потребите на нашите клиенти и ги обезбедуваме професионалните услуги што тие ги очекуваат. Визијата и мисијата на „RedSkyLogistics“ е да ја обезбеди најдобрата услуга во најпредизвикувачките региони и со тоа да придонесе да бидат успешни проектите на клиентите.

МАРИЛИ: Дали компанијата работи исклучително во Македонија или транспортната и логистичката стратегија ги нуди и во други комерцијални средини надвор од државата?
ЛАБОР:
Денес сите наши услуги може да ги понудиме во целиот свет. Ние гарантираме дека нашите услуги ќе бидат обезбедени според специфичните барања. Посветени сме на тоа да обезбедиме одлични решенија што ќе ги задоволат барањата на нашите клиенти.


Нашиот тим и нашата силна мрежа од партнери го имаат потребното искуство, знаење и желба да обезбедат одлични логистички решенија што ќе ги задоволат традиционалните и комплексните потреби на клиентите.

МАРИЛИ: Што треба да поседува еден млад човек за да понуди решенија што ќе ги задоволат сложените потреби на клиентите и ќе ги принуди да ги прифатат? Дали е доволно само да се биде посветен или е потребно уште нешто за да се заокружи една успешна бизнис-приказна?
ЛАБОР:
Ентузијазам, одговорност и посветеност се најбитните карактеристики што треба да ги поседува секој млад човек ако сака да има успешна кариера. Секое барање од клиентите, без разлика колку е сложено, треба да го третираме како предизвик и да размислуваме надвор од нашата комфорна зона за да имаме решение што не само што ќе ги задоволи очекувањата на клиентите туку и ќе ги надмине. Тогаш се стекнува искуството што е потребно за да се заокружи една успешна бизнис-приказна.

МАРИЛИ:Вие не сте само успешен менаџер за транспорт и логистика. Вашата иновативност се гледа и во една друга дејност што е многу поразлична од логистиката. Се занимавате и со производство на ароматични свеќи од природен пчелин восок. Кажете ни нешто за оваа Ваша „втора љубов“, како дојдовте на таа идеја?
ЛАБОР:
Знам дека можам повеќе од тоа што го работам, а со цел да ѝ помогнам на локалната заедница од каде што доаѓам, почнав со правење свеќи од локални суровини, купувајќи пчелин восок од локалните пчелари. Уникатните керамички садови се направени рачно на тркало од единствениот грнчар во Ресен. Колекцијата „SpiritofPrespa“ е дизајнирана за да ве потсети на прекрасните моменти што сте ги имале во Преспанскиот Регион или да ве натера да го посетите. Црвената боја го симболизира јаболкото црвен делишес. Ќе направат да се чувствувате смирено како да седите на некоја плажа на Преспанското Езеро, слушајќи ги пчелите како доаѓаат од планините и чувствувајќи го мирисот на јаболката насекаде околу себе. Сето ова ние го претворивме во сувенир, рачно изработена свеќа само за вас, од душата на Преспа.

МАРИЛИ: За да ја реализирате Вашата идеја добивте поддршка од швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост. Во каква форма беше таа поддршка и што значеше тоа за Вас?
ЛАБОР:
Соработката со швајцарската програма ИМЕ почна уште во периодот кога „SpiritofPrespa“ беше само идеја. Вработените во програмата ИМЕ веруваа во мене и во мојата замисла и ми помогнаа таа да се реализира ангажирајќи консалтинг фирма за изработка на бизнис-план и апликација за грант. Неделните состаноци беа многу продуктивни, разменувавме мислења, идеи и ставови, а на крајот тоа резултираше со позитивен одговор од Министерството за култура на моето барање. Ми беа одобрени средства за набавка на суровини со што го почнав мојот проект.


МАРИЛИ: Дали изработката на ароматични свеќи Ви е само хоби или може да се рече дека е уште еден успешен бизнис-потфат. Се соочувате ли со проблеми и со какви, од каде го набавувате восокот, каде ги пласирате изработените свеќи?
ЛАБОР:
„SpiritofPrespa“ е повеќе од само свеќи. Планираме да почнеме со нови производи, на пример, природна козметика, што примарно ќе бидат направени од пчелиниот восок што го купуваме исклучително од локалните пчелари и што се прави од локални тревки и овошја. Сѐ ќе биде направено рачно од локални суровини, а се употребува комбинација од традиционални и модерни методи. Во моментов нашите производи може да се набават преку веб-страницата www.spiritofprespa.com. „SpiritofPrespa“ не застанува тука, продолжуваме со агротуризмот каде што ќе ги пласираме нашите производи. „SpiritofPrespa“ ќе биде авантура полна со традиција и релаксација.
 

 

Содржината е прочитана 3082 пати.