Бизнис вести

Анита Спасовска од „Бучен Козјак“ е најдобра менаџерка, а Игор Крпачовски од „АрцелорМиттал“ најдобар менаџер

Асоцијацијата на менаџери на Македонија ги подели менаџерите на жени и на мажи, па додели две награди за најдобри менаџери за 2017 година

петок, 22 декември 2017

Асоцијацијата на менаџери на Македонија ги прогласи најдобрите менаџери за 2017 година, притоа делејќи ги менаџерите во две категории, па додели две награди. Поделувајќи ја менаџерската умешност на машка и на женска, Асоцијацијата прогласи најдобра менаџерка и најдобар менаџер за годината што изминува.

Анита Спасовска од компанијата „Бучен Козјак“ е прогласена за најдобра менаџерка во 2017 година, а Игор Крпачовски од „АрцелорМиттал“ за најдобар менаџер. На свеченоста беа врачени и благодарници и признанија.

„Неопходно е и понатаму да се бориме и коренито да ги менуваме работите во полза на заедницата. Да бидеме сила која што се фундира на врвна експертиза и професионализам. Да чекориме по пат на кој нема да има запирање. Затоа што ние ја гледаме Македонија како земја на професионални менаџери, но не само во реалниот сектор, туку и во јавните претпријатија и во сите државни институции“, рече претседателката на Асоцијацијата на менаџери на Македонија, Маја Ристова.

Асоцијацијата на менаџери на Македонија е основана во декември 2015 година со цел деловно вмрежување, едуцирање, промовирање и застапување на интересите на менаџерите. Имајќи го во предвид токму делот што се однесува на застапување на интересите на своите членови, останува нејасно зошто самата Асоцијација ги дели менаџерите на мажи и на жени. Доколку не постојат никакви сексистички предрасуди и доколку се надминати стереотипите за мажите и за жените, што е најнормално да се очекува од една ваква асоцијација, тогаш половата поделба на менаџерската професија е излишна. Менаџерите треба да си ги одмеруваат знаењата и умешностите во менаџирањето како менаџери, а не како менаџерки и менаџери. Во спротивно, нивното здружение треба да си го смени името во Асоцијација на менаџерки и на менаџери на Македонија. И во тој случај ќе може да го оправда и доделувањето една иста награда во две категории.
 

Содржината е прочитана 647 пати.