Бизнис вести

Бизнисот да се ослободи од политичките стеги и да се сврти кон извозот

Академиците од МАНУ сметаат дека за раст на македонската економија, најважно е Владата да овозможи политичка стабилност и владеење на правото

среда, 20 декември 2017

Бизнисот да се ослободи од стегите на политиката и да се ориентира кон извозот, а државата да обезбеди политичка стабилност, владеење на правото и добра бизнис клима. Само така ќе се овозможи развој и раст на македонската економија.

Ова беше речено на тркалезната маса „Растот на македонската економија-состојби, проблеми и перспективи“, што ја организираше Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), по повод 90 години од раѓањето на академик Никола Кљусев.

„Најголем проблем во бизнис климата беше досегашното големо инволвирање на политиката во бизнисот. Да престане практиката на делење на бизнисите на ваши и наши. Тоа е прва работа која ја расипува бизнис климата. Потоа, јавните набавки мора да ги добиваат квалитетни фирми со перформанси што ќе гарантираат и релативно ниска цена, но и квалитено извршување на работите“, рече претседателот на МАНУ, академик Таки Фити.

Академик Гоце Петрески потенцираше дека македонската економија нема внатрешен мотор на раст, а неколкуте години со релативно пристојни стапки на раст се постигнати со т.н еднократни аквизиции на монополски или квазимонополски структури, сектори и фирми, или со надворешно и внатрешно задолжување и дознаки од иселениците.

„Растот, а постепено веќе и потрошувачката се целосно зависни од екстерни приливи на ресурси. Економскиот раст базиран на ваков модел е неодржлив“, рече Петрески, укажувајќи на потребата од стратегија за извозен раст.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев излез од состојбата гледа во формирање исклучително извозно ориентирани фирми.

„Ние сме мала економија, нема каде да трошиме, нема како да ја зголемуваме внатрешната потрошувачка. Ние можеме да обезбедиме стабилен раст само со зголемен извоз, што, пак, бара сериозни домашни компании кои ќе ги поддржиме да отвораат регионални центри и да инвестираат надвор од Македонија“, рече Анѓушев.

Но, и со најидеални економски мерки ќе нема резултати без стабилна држава и без владеење на правото. А, тоа, смета Анѓушев ќе се обезбеди со евроатлантски интеграции.

Според Таки Фити, Македонија ќе ја заврши годината со стапка на раст од 0,4 или 0,5 проценти. Предвидената стапка на раст од 3,2 проценти за следната година реално е остварлива и не е висока за македонската економија која се консолидира по кризниот период. Целта е, рече тој, колку што можеме да се приближиме до потенцијалната стапка на раст, која, според анализите во Светска банка и на МАНУ е околу 4,9 до 5,5 проценти.
 

Содржината е прочитана 169 пати.