Бизнис вести

Прогласени најдобрите претприемачи за 2017 година на микро и мали претпријатија

За најуспешен претприемач на микро претпријатие е прогласен Жарко Димитриоски од агенцијата „Еден на еден“ од Скопје, а Бардул Шабани од „Линк шпед“ од Тетово кај малите претпријатија

среда, 20 декември 2017

Жарко Димитриоски од маркетинг агенцијата „Еден на еден“ од Скопје е прогласен за најуспешен претприемач на микро претпријатие за 2017 година на традиционалната манифестација „Претприемач на годината“, а најдобар кај малите претпријатија е Бардул Шабани од „Линк шпед“ од Тетово. Второто место во категоријата микро претпријатија му припадна на Борче Николов од „Аерус“ од Пробиштип, а кај малите претпријатија, на Томи Запров од „Силотер“ од Струмица.

Манифестацијата „Претприемач на годината“, што по 11. пат се одржува во организација на бизнис заедницата, граѓански организации и државни инситуции, а под покровителство на Министерството за економија, има за цел подигање на свеста за значењето на претприемништвото во Македонија. Наградите ги доделуваат Сојузот на стопански комори (ССК), Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), заедно со Националниот центар за развој на иновациите и претприемачкото учење (НЦРИПУ).

„Голем е бројот на оние што заслужуваат да бидат наградени поради нивната храброст за преземење ризик во вакво кризно време, нивната иницијативност, способност за планирање и менаџерски способности за реализација на поставените бизнис цели. Малите и микро претпријатија имаат голема улога во генерирањето економски раст и креирањето работни места. Министерството за економија годинава финансиски поддржа 89 претпријатија, 23 занаетчии и 30 проекти на фондови, здруженија на граѓани и занаетчиски комори “, рече министерот за економија, Крешник Бектеши и најави директна поддршка и следната година, со што, како што нагласи, ќе се отвори можност претприемачите да добијат поголем финансиски стимул за реализација на своите бизниси.

Извршната директорка на МРФП, Татјана Лазаревска истакна дека воопшто не било лесно да се избере најдобриот од вкупно 57 претпријатија колку што биле оценувани, од кои 40 мали и 17 микро.

„Овие претпријатија остварија приход од над 50 милиони евра, или за 20 милиони евра повеќе од минатата година и во текот на годинава инвестираа вкупно 7 милиони евра и вработија 400 лица. Во нив во моментов работат над 1.100 лица“, рече Лазаревска.

Според претседателката на ССК, Данела Арсовска, досегашните искуства покажуваат дека Македонија е земја на паметни луѓе и на добри идеи, додека претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа потенцираше дека административните бариери на кои наидуваат младите при регистирањето компании, резутираат со помал број барања за отворање биниси, поради што мора да се промени перцепцијата дека бизнисот е тежок и проблематичен.
 

Содржината е прочитана 174 пати.