Култура

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 21 декември 2017 година (петок), во 19 часот ќе се отвори изложбата “ Икони XIV-XX век”

вторник, 19 декември 2017

Во средината на дваесеттиот век во културното живеење во Македонија се јавува потреба македонската ликовна сцена да биде водена и поттикнувана од стручна институција во која би се презентирала и афирмирала македонската ликовна уметност. За таа цел била извршена адаптација, односно конзервација и реставрација на Даут пашиниот амам и истиот ја добил функцијата на Уметничка галерија. Набрзо, благодарение на ентузијазмот и професионалноста на стручниот тим во галеријата почнува да се формира и збирка на ликовни дела. Се правеле откупи од македонски, српски, хрватски, словенечки, црногорски и босански автори. Во исто време, од страна на Археолошкиот музеј, на галеријата и биле предадени педесеттина икони од кои еден дел биле изложени во тогашната поставка на галеријата а останатиот дел бил сместен во нејзините депоа. Тоа биле пред се икони донесени од тогаш неактивните цркви и манастири, заради нивна безбедност и заштита. Останатиот дел биле откупи од приватни колекции.

На свеченото отварање на Галеријата во 1950 година била отворена и првата поставка на ликовни дела: икони од XIV - XIX век, копии од најубавите примери на македонските фрески и ликовни дела од тогашната македонска и југословенска современа уметност.

Овој податок зборува дека иконите хронолошки биле дел од поставката на галеријата од првите години од нејзиното постоење. Во текстот за каталогот издаден во 1950 година по повод отворањето на првата официјална поставка, меѓу другото стои: “ На Илинден 1950 година, македонските уметници по двегодишна подготовка, удрија темел на првата Уметничка галерија во Скопје. Во Галеријата ги гледаме безимените наши зографи што со своите дела ги напишаа најубавите страници на нашата уметничка историја. Живеејќи под најтешки политички и економски услови во поробениот и заборавениот Балкан, тие беа творци на најсилното што го даде човештвото во уметноста за полни четири столетија oд италијанската ренесанса и три столетија пред генијалниот Ѓото”. (Каталог, Уметничка галерија Скопје, Скопје, 1950)

Денес збирката на икони во Националната галерија на Македонија брои над педесеттина примероци од кои една икона датира од средината на XIV век, една од XV-XVI век, а останатите икони му припаѓаат на поствизантискиот период, периодот на Преродбата (XIX) век, и мал број икони од почетокот на XX век. Според стилската и хронолошката припадност, најмногу примероци припаѓаат на поствизантискиот период и периодот на Преродбата.

На изложбата ќе бидат презентирани околу четириесет икони, светогорски графики и копии од фрески од колекцијата на Националната галерија на Македонија и Музеј на Македонија. Изложбата на љубителите на уметноста им дава преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на македонското иконописно творештво од XIV-XX.

По пaдот на Самуиловото царство во 1018 година, Македонија потпаѓа под византиска власт. Тогаш настануваат наубавите и најуспешните уметнички остварувања во црковната уметност и не случајно овој период во историјата на уметноста ќе биде обележан како „ренесанса на палеолозите“(1261-1453). Иконата, како автентичен продукт на византиската цивилизација, станала водечки култен објект во православната црква. Молитвите упатени до неа и нејзината посредничка улога меѓу небото и земјата придонесле таа да стане човекова потреба за добивање на морална сила и спасение на душата. Како единствен траен институционален фактор кој имал големо влијание во квалитетот и продукцијата на иконите е Охридската архиепископија, црковна институција втемелена уште за време на цар Самуил која до крајот на своето постоење останала чувар на културните традиции во Македонија.

По 1395 година, со воспоставувањето на османлиската власт во Македонија и со прекинувањето на комуникациите со трговските и културните центри, активноста на зографските работилници полека почнува да гасне. Продукцијата на сликарски дела почнува да се намалува, а очигледен е и падот на квалитетот на новосоздадените дела.

Осиромашувањето на населението довело до помала побарувачка на икони, поради што зографските тајфи почнале да се растураат. Но фактот што по потпаѓањето на Македонија под османлиска власт Охридската архиепископија не била укината има особена важност во одржување на континуитетот на уметничкото творештво во Македонија.

Кон крајот на XIX век, доаѓа до значајни промени во религиозното сликарство. Со појавата на Димитар Андонов Папрадишки и Ѓорѓи Зографски, очигледни се новите ликовно-естетски вредности во црковното сликарство.

Школувани во Русија, тие полека го напуштаат традиционалното сликарство, правејќи ги првите чекори кон граѓанската уметност. Ним во првата деценија на XX век им се придружуваат Коста Вангеловиќ и Трајко Муфтински.

Изложбата ќе биде отворена до 30 - ти јануари 2018 година.


 

Содржината е прочитана 195 пати.