Здравје/ Убавина

Тиква – ризница на витамини, лечи и подмладува

Благодарение на присуството на бета-каротен, оваа намирница претставува силен антиоксиданс и штити од катаракта

вторник, 19 декември 2017

Студено е. Надвор дува ветер и провејува по некоја ситна снегулка навестувајќи ја зимата. Можеби ќе биде снежна, а можеби само магловита, но, сеедно, зимските денови, се разбира покрај снегот, асоцираат на топлина на домот исполнет со мириси од чисто зимски продукти. Значи, време е за тиква.

Некогаш тиквата била еден од поважните производи во традиционалната домашна кујна. И денеска постарите ја ставаат пред бананата, особено кога се работи за исхраната на малите деца, зашто се убедени дека нејзината хранлива вредност е огромна. И, сосема се во право. Исклучително богато со витамини и минерали, ова растение се уште е често присутно на македонската трпеза. Особено во денови какви што ни претстојат – празнични и посни.

Тиква (бундева) Cucurbitaceae е дел од семејство на дикотиледони кое содржи околу 965 видови распоредени во околу 95 родови и во кое спаѓаат и краставицата, лубеницата, тиквичката. Потеклото на тиквата не е јасно дефинирано. Некои велат дека е од Африка или од Азија, а други тврдат дека потекнува од Централна Америка, бидејќи во Мексико било пронајдено семе од бундева кое датира од 7.000 година пред нашата ера. Распространета е во тропските и суптропските предели на земјата. Најпознати видови тиква се обична тиква, турчинка (стамболика), хокаидо, мушкатна, аргента и наполитана.

Тиквата е едногодишно растение од видот ползавец со аглесто стебло покриено со остри влакна кое може да биде долго и 10 метри. Листовите се со долги дршки, големи и обраснати со остри влакна, а цветовите се крупни жолти. Плодот е голем со топчест или цилиндричен облик со жолта, бела и портокалова боја и со мазна, благо ребреста кора. Внатрешноста има интензивна жолта до портокалова боја. Плодот на традиционалната тиква обично тежи меѓу 2,5 и 8,5 килограми, додека плодот на крупните сорти редовно достигнува тежина од преку 34 килограми.

Плодовите на тиквата се користат во исхраната на човекот, а семките и во фитотерапија. Тиквата има хранливи и лековити својства, па токму поради тоа е незаобиколна намирница во есенското мени. Содржи 90 отсто вода, поради што е идеална за сите кои сакаат да ослабнат, а притоа на организмот да не му недостасуваат минерали и витамини. Темножолтата врста содржи и специфична киселина која делува против канцерогените ќелии.

По својата хранлива вредност ова растение спаѓа меѓу водечките зеленчуци. Содржи мала количина белковини, јаглени хидрати и масти, но затоа има многу витамини, (дури шест пати повеќе од јаболко и од цвекло), витамини А, Ц, Е, Б1, Б2 и Б6, потоа каротин, фолна киселина, минерали како калиум, фосфор, калциум и железо. Тиквата е исклучително богата со витамин А, кој е многу важен за здравјето на очите, особено за мрежницата и штити од катаракта. Бетакаротинот, пак, го блокира дејството на слободните радикали, директно го спречува оштетувањето на ќелиските ДНК структури и делува како јак антиоксидант. Се користи превентивно, бидејќи го намалува ризикот од појава на рак на јајници, на грлото на матката и на желудник.

Месото на тиквата има само 26 калории на 100 грама, семките 467 калории, а маслото од тиква содржи 879 калории на 100 грама и затоа се препорачува при диететски режими на исхрана.

Ова растение не се одгледува само заради плодот, туку и поради семките кои имаат околу 20 пати поголема калориска вредност од плодот, бидејќи содржат повеќе белковини, јаглени хидрати и масти. Но, имаат и витамини Б1 и Б2, потоа минерали од кои најмногу фосфор и железо, како и калиум, минерал кој е многу важен за метаболизмот, за рамнотежа на течностите во организмот, за срцето, крвните садови и за нервниот систем. Семките содржат и 20 проценти протеин од најдобар квалитет и многу целулоза што ја регулира работата на органите за варење. Се користат печени, како деликатес, или за добивање масло со ладно цедење.

Маслото од семето од тиква содржи витамини А, Б1, Б2, Б6, Ц, Д, Е, К и разни минерали. Содржи повеќе од 60 отсто незаситени масни киселини и е богато со белковини. Но, и со Омега 3 и Омега 6 есенцијални масни киселини кои ја зголемуваат енергијата, го регулираат нивото на холестерол, го подобруваат здравјето на репродуктивните органи и овозможуваат убав изглед на кожата. Маслото од тиква има црвенкаста боја, тоа е квалитетно и лесно сварливо. Семките и маслото се користат во фитотерапија кај бенигна хиперплазија на простатата.

Некогаш жените во стара Грција и во Рим подготвувале помада од толчено семе од тиква и маслиново масло и ја користеле за нега на кожата и за отстранување пеги од лицето. Во средниот век аџиите на појасот носеле сад од тиква наместо шише за вода. Сад за вода заврзан за подолг стап и школки пришиени на наметка и шешир, во средниот век биле обележје на лепрозни болни кои талкале барајќи да бидат излечени.

Во народната медицина тиквата се препорачува како диуретик, за исфрлање вишокот вода од организмот, особено кај луѓето заболени од реума, гихт, воспаление на бубрези, на бешика... Одлична е кај псоријазата. Семките, исто така, често се препорачуваат како ефикасно и нештетно средство против дечји глисти и пантличара. Може да ги земаат деца од две-три години, доилки, постари особи, како и оние со заболен црн дроб. Заболените од простата пожелно е да јадат семки од тиква секој ден.

Тиквата е најдобро да се користи во сирова состојба, во облик на сок или на каша. Кога се подготвува треба да се динста на пареа, бидејќи на тој начин не ги губи лековитите својства. Но, секако, ништо помалку корисна не е и кога се јаде печена, додека саткото од тиква, пак, претставува вистински деликатес.

 

Содржината е прочитана 320 пати.