Бизнис вести

Десет компании добија признание „Македонски квалитет 2017“

Признанието се доделува на компании кои имаат традиција во создавање на македонски бизнис идентитет

вторник, 19 декември 2017

Компаниите ФХ3Х, „Чеза Комерц“, „Конто Профит“, „Процес Ин“, „Вработување.ком“, „Пост Експрес Македонија“, „Агроунија“, „Антариас“, ПУ „Поликлиника тоспаш“ и Женскиот младински хор при МКЦ се годинашни добитници на признанието „Македонски квалитет 2017“, што го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија, под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Добитниците на признанијата ги избира комисија составена од членови на Кабинетот на претседателот, која според воспоставени критериуми ги селектира компаниите што имаат традиција во создавање македонски бизнис идентитет и кои покажале резултат во изминатите пет години.

„Македонските инвеститори се економски амбасадори кои успешно го промовираат македонскиот квалитет. Изминатата година приватниот сектор имаше бројни предизвици. Сакаме да веруваме дека пред нас е година на интернационализација на македонскиот квалитет, на можност за инвестиции во човечки ресурси, модерни технологии и напредни процеси неопходни за општествен и економски развој. Растот на домашните инвеститори во поволен амбиент, значи раст на вкупната економија“, рече претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.

Претседателот Иванов потенцираше дека овие 10 компании се најдобар доказ дека големината на една земја не го ограничува потенцијалот за да создаде успешни светски брендови.

„Најдобро е кога други зборуваат за вашиот бренд, а вие сте препознатливото лице на економијата на нашата држава. Зад ова признание стои огромна работа, посветеност и визија за промоција на квалитетот и на македонската традиција. Комбинирајќи го економскиот развој и македонскиот идентитет вие создавате национален успех со кој се гордееме. Со поддршка од државните институции, бизнис секторот забрзано ќе не движи во нова декада на успешна Македонија“, рече Иванов.

Манифестацијата „Македонски квалитет“ се одржува секоја година во знак на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските инвеститори за тековната година.
 

Содржината е прочитана 218 пати.