Бизнис вести

Македонија досега нема користено средства од Зелениот климатски фонд на ОН за превенирање на последиците од климатските промени

Во Скопје се одржува работилница на која државните институции треба да научат како да изготвуваат предлог-проекти и како да аплицираат за средства од ЗКФ

понеделник, 18 декември 2017

Над 10 милијарди евра од Зелениот климатски фонд (ЗКФ) на Обединетите нации се предвидени за превенирање на последиците од климатски примени, но Македонија досега воопшто нема користено средства од него. За разлика од нас, соседните земји веќе искористиле грантови од 100-ина милиони евра за справување со климатските промени.

Со цел да се презентираат можностите за искористување средства од Фондот, во Скопје се одржува регионална работилница на која државните институции треба да научат како да изготвуваат предлог-проекти и како да аплицираат, а ќе бидат споделени и успешните практики од други земји корисници на средства. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев рече дека ЗКФ ќе биде главна меѓународна финансиска институција за обезбедување финансиски средства за поддршка на активности, за ублажување и адаптација од климатските промени во земјите во развој, па поради тоа Македонија треба да ги искористи можностите кои се нудат преку овој Фонд.

„Ќе работиме на изградба на нови одржливи енергетски капацитети, соодветна употреба на водата за пиење и унапредување на менаџментот на водните ресурси во државата, на заштита на шумските богатства и националните паркови, како и на природните богатства. Во фокусот ќе биде и унапредување на третманот на отпадот и отпадните води, како и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух“, рече Анѓушев.

Тој потенцираше дека е потребно да се направи стратегија и план како последиците од климатските промени ќе се превенираат во земјоделството, енергетиката, економијата и во делот на подобрување на животот на граѓаните

„Владата и сите министерства и институции, вклучително и Град Скопје ќе бидат посветени на аплицирање за проекти во ЗКФ. Се надеваме дека ќе успееме да напрвиме атрактивни проекти кои ќе бидат финасирани со грантови за да се создадат подобри услови за живот на граѓаните и да се превенираат последиците од климатските промени“, рече Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски нагласи дека имале значајна поддршка од Организацијата за храна и земјоделство на ОН – ФАО за искористување на финансирањето од ЗКФ во насока на трансформирање и прилагодување на земјоделскиот сектор во Македонија.

„Зелениот климатски фонд со 6,9 милијарди американски долари, кои се достапни за ублажување и адаптација кон климатските промени, нуди огромни можности за справување со овој сериозен предизвик, а една од главните можности е инвестирање во земјоделство отпорно на климатските промени. Министерството и нашите тимови се комплетно подготвени да се спроведе акредитацијата на институциите и да се дефинираат областите и конкретните проекти со кои Македонија ќе аплицира за искористување на средствата од ЗКФ“, рече Николовски.

Постојаната координаторка на ОН и Програмата за развој на ОН во Македонија, Луиза Винтон истакна дека во Македонија секоја година се гледаат последиците од климатските промени преку суши или поплави. А, ЗКФ нуди многу добри можности за да се ублажат последиците од климатсктие промени и да се намалат емисииите на стакленичките гасови кои придонесуваат за промените. Последниот доделен грант од ЗКФ во регионот, како што нагласи Винтон, бил во Босна и Херцеговина во октомври годинава во висина од 70,3 милиони долари, како грант кој довел до инвестиции во вредност од 122,6 милиони долари.

Зелениот климатски фонд е формиран во 2010 година, од 194 влади на 16. Конференција на членките на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации. Фондот ги поддржува напорите на земјите во развој да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да се прилагодат на негативните влијанија од климатските промени.

 

Содржината е прочитана 164 пати.