Бизнис вести

Богов: Оваа 2017 е една од најслабите години по економски раст

НБРМ останува на проекцијата за раст од 0,5 проценти за годинава, но очекува 2018 да биде подобра на економски план

понеделник, 18 декември 2017

Оваа 2017 година е една од најслабите во последните пет години од аспект на економски раст. Проекцијата на Народната банка на Македонија за раст за годинава останува на околу 0,5 проценти, но, гувернерот, Димитар Богов очекува подобра 2018 година на економски план.

„Третиот квартал потврди дека растот за 2017 година ќе биде околу 0,5 проценти и ние остануваме на таа проекција. Но, тоа ќе го дознаеме во март следната година кога ќе ги имаме податоците и за четвртиот кваратал од оваа година“, рече Богов на работилницата за финансиска едукација на новинари „Правилно читање и толкување на извештаите на Народната банка и другите регулаторни институции“.

Продолжената политичка криза и несигурноста што ја чувствуваат инвеститорите е главната причина за негативните инвестции, поради што и кредитирањето на корпоративниот сектор забавува од година во година.

А, за да се подобри состојбата, според Богов, потребно е да се исполнат неколку услови и тоа, пред се, да има постабилен политички амбиент, да има сигурност за да се подобрат инвестициите, да се зголеми личната потрошувачка, но и да продолжи текот на странски дирекни инвестции каков што имаше во претходниот период.

Гувернерот не очекува во 2018 година да има промена во каматните стапки доколку нема некој домашен шок, но смета дека Македонија ќе ја следи политиката на Европската централна банка (ЕЦБ) која најверојатно во 2019 година ќе започне со затегање на монетарната политика.

„Американски ФЕД одамна започна со зголемување на каматните стапки, а ЕЦБ најавува дека тој процес ќе го започне од 2019 година. Бидејќи сме врзани за еврото и за ЕЦБ, односно за нејзината монетарна политика, за очекување е дека нашата монетарна политика би ја следела таа на ЕЦБ, освен ако не се случи некој шок на домашниот пазар, односно во домашниот монетарен амбиент. Доколку е се стабилно, тогаш може да се очекува дека и каматните стапки ќе се задржат, а во 2019 година, кога ЕЦБ ќе започне со затегање на монтерната политика, веројатно и ние би ја следеле таа политика“, рече Богов.
 

Содржината е прочитана 143 пати.