Интервјуа

Интервју со Јасна и Ивана Христовски, претприемачки на сопствен бизнис туристичка агенција „Free pass“ - Охрид

Нашето мото е: „Не сите што талкаат се изгубени“, што значи дека на клиентите им нудиме „моменти за паметење“. Суштината на нашите услуги е така дизајнирана за да може туристите во своите сеќавања да понесат многу повеќе од слики и сувенири. Тоа се активните тури во кои клиентите може да искусат нешто ново, нешто со кое не се соочиле дотогаш. На клиентите им се нуди вистинско охридско искуство, при што може да ги истражуваат природата, историјата, културата, македонската кујна и традиција на забавен и незаборавен начин

понеделник, 18 декември 2017

МАРИЛИ: Јасна и Ивана, две сестри со заедничка љубов наречена авантура. Како дојдовте до идејата да отворите една ваква невообичаена туристичка агенција и дали притоа се соочивте со некакви проблеми?
ХРИСТОВСКИ:
Идејата, всушност, е многу стара. Додека бевме во средно училиште дискутиравме за тоа колку би било интересно ако во Охрид има агенција што се занимава со ваков вид туризам. Уште од деца сме големи љубители на планината и на природата и на сè што е поврзано со неа, сакаме планинарење, скијање, пливање, возење со брод, така што дојдовме до многу сознанија и согледавме интересни нешта што би можеле да се прават во Охрид. Кога решивме да ја отвориме агенцијата, настојувавме во неа да презентираме производи-услуги што ќе бидат атрактивни и уникатни, а тоа значеше нешто што не е вообичаено.

МАРИЛИ: Што би можеле да кажете за почетоците и со што се соочивте?
ХРИСТОВСКИ:
Разбирливо, нашиот почеток, како и на секоја друга агенција, беше многу тежок. Се соочивме и сè уште се соочуваме со многубројни проблеми и предизвици. Најтежок дел ни беше финансискиот аспект затоа што требаше да обезбедиме почетен капитал, како и опрема за да може да се движат работите. Беше неопходно унапредување на способностите, како нашите - личните, така и на бизнисот. Мораше да се задржиме на пазарот и на него да се етаблираме како релевантни и препознатливи учеснички. Исто така, на почетокот имавме проблеми со промовирањето на нашите тури во некои од хотелите затоа што таму веќе имаше застапници од поголемите туристички агенции и тие сакаа на овие места да го задржат монополот со своите покомерцијални тури. Вложивме многу труд и трпение додека не ги убедивме да сфатат дека сме им потребни како соработници, дека не сме им соперници. Конечно, во 2015 година склучивме договор со една агенција и таа може да ги нуди и нашите активни тури.

МАРИЛИ: Дали има и други слични агенции во Република Македонија?
ХРИСТОВСКИ:
Да, има многу други агенции што се занимаваат со работа како што е нашата и тие подолго време се на пазарот. Драго ни е што може да кажеме дека во соработката со нив немаме никаков проблем, туку е феноменална поради фактот дека може регионално да се дополнуваме, да споделуваме искуства и совети. Од агенциите со кои имаме соработка може да ги споменеме Маcedonia Experience, Hiking the Balkans и други. 

 

 

МАРИЛИ: Од каде потекнува Вашата љубов кон планинарењето и авантуристичките спортови?
ХРИСТОВСКИ:
Нашиот татко Наум е голем ентузијаст во однос на сè што е поврзано со планинските предели и има голем број авантуристички искуства, така што тој успешно ни ја пренесе страста за планината и за природата. Исто така, тука е и нашата средина, поточно Охрид, кој ни дава можност секој ден да истражуваме без граници. Ние две практично сме израснати на планина, со планинарење и со скијање.

МАРИЛИ: Имате интересно мото „Не сите што талкаат се изгубени“. Очигледно талкањето со „Free pass“ е токму тоа – не е лутање заради наоѓање некаков излез, туку поради создавање на едно несекојдневно уникатно искуство што го збогатува духот. Всушност, што им нудите на клиентите?
ХРИСТОВСКИ:
На клиентите им нудиме „моменти за паметење“. Суштината на нашите услуги е така дизајнирана за да може туристите во своите сеќавања да понесат многу повеќе од слики и сувенири. Тоа се активните тури во кои клиентите може да искусат нешто ново, нешто со кое не се соочиле дотогаш. На клиентите им се нуди вистинско охридско искуство, при што може да ги истражуваат природата, историјата, културата, македонската кујна и традиција на забавен и незаборавен начин. Тие може да ја истражуваат Македонија, да ги согледуваат сите нејзини потенцијали и убавини за да посакаат повторно да се вратат.

МАРИЛИ:Кои се Вашите клиенти, дали тоа се луѓе од Македонија или се странци? Што кажува Вашето искуство, дали Македонците се запознаени со убавините на својата земја, односно дали искрено се интересираат за ваков вид туризам или, сепак, повеќе сакаат хотели и плажи?
ХРИСТОВСКИ:
Нашите клиенти претежно се странци што доаѓаат од различни држави и се интересираат за нашите тури. Многу е мал бројот на клиенти Македонци затоа што тие не се навикнати на идејата да купуваат вакви производи во својата земја. Ние сме уверени дека наш најголем успех би било ако почнеме на домашните туристи да им ги продаваме нашите тури. Сигурни сме дека секој Македонец е запознаен со убавините во целата земја и дека повеќето од нив ја ценат таа убавина и потенцијал. Но, за жал, малкумина решиле да ја истражат Македонија како туристи, а има многу места, искуства и нови вкусови што може да ги испробаат токму во своето соседство. Ваквиот вид туризам е многу млад и непрепознатлив во Македонија, но, сепак, тука е фактот дека земјава сè уште не е промовирана како туристичка дестинација за да може да се развива кој било туризам. Ваквиот туризам е забавен, но има и многу предизвици и ризици за кои Македонија како дестинација не е сè уште подготвена. Многу години наназад Охрид беше познат само по плажи, хотели, ресторани и кафеани, но со текот на времето тоа почна да се менува и тоа претставува добар показател дека има развој. Веруваме дека за неколку години домашните туристи ќе ја сфатат оваа растечка стапка во туризмот во Македонија и ќе почнат да се интересираат за вакви авантуристички тури.

МАРИЛИ: Дали е ограничена возраста на учесниците, со оглед на тоа дека станува збор за авантуристички тури?
ХРИСТОВСКИ:
Возраста на учесниците воопшто не е ограничена. Во секоја тура што ја нудиме има алтернативи за да може сите да ја искусат. 

Се ставаат различни нивоа на подготвеност и категорија на одредена активност. Без разлика која алтернатива ќе ја изберат клиентите, тие добиваат комплетна услуга и вистинско искуство. И не постои клиент што не може да ја истражува Македонија на начинот што се нуди во нашата компанија.

МАРИЛИ: Постојат голем број програми за поддршка на бизнисите, особено оние што се во сопственост на млади и на жени. Дали користевте некаква поддршка при развивањето на бизнис-идејата и за отпочнување на дејноста?
ХРИСТОВСКИ:
Поддршката што ја добивме и која сè уште ја имаме е од швајцарската програма ИМЕ и се однесува на коучинг-сесиите за зголемена продажба, добивање информации за тоа каде би можеле да се прошириме и да ја промовирање нашата агенција во Македонија. Тие се од големо значење за нас и ни овозможуваат дополнително да ги унапредуваме нашето знаење и способностите како жени претприемача, како и да ги прошириме контактите со другите бизниси. Но, пред сè, би истакнале дека програмата ИМЕ и оние што учествуваат во неа ни даваат мотив и елан да веруваме дека има некој што го разбира тоа што сакаме да го постигнеме и да го оствариме, а тоа е да бидеме успешни претприемачи во земја како што е Македонија.


 

Содржината е прочитана 1346 пати.