Бизнис вести

Изградбата на пругата Бељаковце-Крива Паланка ќе започне во 2018 година

За делницата со должина од 34 километри веќе е готова проектната документација и е започната тендерската постапка. Преостанува уште да се избере изведувачот. Пругата треба да биде готова во 2021 година

петок, 15 декември 2017

Изградбата на вториот дел од пругата од Бељаковце до Крива Паланка ќе започне наредната година. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески најави дека за делницата со должина од 34 километри веќе е готова проектната документација, а е започната и тендерската постапка. Преостанува уште да се избере изведувачот.

„Проектираниот рок за изградба на втората делница е крајот на 2021 година. За нејзино финансирање Македонија доби заем од Европската банка за обнова и развој, во висина од 145 милиони евра“, рече Сугарески.

Износот на овој заем, практично ќе биде намален за 68,6 милиони евра, колку што изнесува грантот што ѝ беше доделен на земјава завчера од Европската унија.

Во меѓувреме, германската компанија „Вибе“ треба да ја доврши изградбата на првата фаза од пругата кон Бугарија, делницата од Куманово до селото Бељаковце во должина од 30,8 километри. Со изградбата на оваа пруга Крива Паланка ќе се поврзе железнички со Куманово и со Скопје.
 

Содржината е прочитана 150 пати.