Инфо

Скопје денеска е најзагаден град во светот

Со индекс на квалитет на воздух од 191, главниот град на Македонија се најде дури и пред традиционално загадениот Делхи, кој има индекс 185

четврток, 14 декември 2017

Скопје денеска е најзагадениот град во светот. Главниот град на Македонија се најде на врвот на листата надминувајќи ги и традиционално најзагадените градови во Кина и во Индија. Така, според AQI (Индекс на квалитет на воздух), што го сочинуваат вредностите на концентрациите на штетните честички прашина ПМ2,5 и ПМ10, на јаглероден моноксид, натриум диоксид, сулфур диоксид и озон, Скопје со AQI 191 е пред Делхи кој има индекс 185, Лахор од Пакистан со 182 и Калкута со 178.

Според податоците од загадувањето во реално време, воздухот во Скопје е оценет како нездрав. Најзагадени делови се Карпош и Ректорат, а загаднеоста е многу голема и во Лисиче и во Гази Баба.

Рангирањето на загадените градовите се праави според индексот на квалитет на воздухот AQI, кој претставува систем за мерења на концентрацијата на загадувачки супстанции и го покажува ризикот за здравјето на човекот предизвикан од загадувањето на амбиентниот воздух. Формулата за индексот AQI обично разгледува до 6 главни загадувачки супстанции (ПМ2,5, ПМ10, јаглерод моноксид, сулфур диоксид, азотен диоксид и озон на ниво на земја) и го пресметува соодветниот здравствен ризик (или AQI број) за секој во дадено време. Вкупниот AQI број во одреден момент е диктиран од најризичниот загадувач, со највисок AQI број.

Индексот се движи од 0 до 500, при што високите вредности на индексот покажуваат повисоко ниво на загадување на воздухот и поголем потенцијал за негативни здравствени ефекти. Секоја вредност поголема од 300 се смета за опасна, додека AQI со вредност од 0-50 значи добар квалитет на воздухот.

AQI се пресметува на различни начини низ целиот свет. Кина и Америка ги имаат двата најкористени система каде индексите се пресметуваат со тежина на шесте клучни загадувачи. Резултатите од овие две функции се разликуваат само во AQI резултатите од 200 и подолу. Бидејќи американскиот индекс систем дава повисоки резултати за AQI под 200, тој се смета дека е многу попрецизен, па поради тоа стана општ светски стандард.
И американските и кинеските AQI системи се достапни на апликацијата AirVisual и Node.

Ако индексот има вредност од 0 до 50, тој е означен со „добро“. Тоа значи дека квалитетот на воздухот е задоволителен и претставува мал или нема никаков ризик за здравјето. Се препорачува да се отворат прозорците и да се проветрува домот за да се донесе свеж воздух со кислород.

Индексот од 51 до 100 значи „умерено“. Односно, квалитетот на воздухот е прифатлив и претставува мал ризик за здравјето. Чувствителните групи можат да доживеат благи несакани ефекти и треба да го ограничат продолженото изложување на отворено. Препораките се исти како и во претходниот случај.

Индекс од 101 до 150 е „нездраво за чувствителните групи“. Тоа значи дека квалитетот на воздухот претставува зголемена веројатност за појава на респираторни симптоми кај чувствителните лица, додека општата јавност може да чувствува само мала иритација. Во тој случај се препорачува да се намали активноста на отворено, а чувствителните групи, пак, да ги избегнуваат сите активности на отворено. Секој треба да носи маска за загадување. Не се препорачува вентилација, туку да се вклучат воздушни прочистувачи, доколку ги има.

Индекс од 151 до 200 е означен како „нездраво“. Тука квалитетот на воздухот се смета за нездрав и може да предизвика зголемено влошување на работата на срцето и на белите дробови. Чувствителните групи се изложени на висок ризик да доживеат негативни здравствени ефекти од загадувањето на воздухот. Се препорачува да се ограничи надворешниот напор, секој да носи маска за загадување. Проветрување не се препорачува.

Индекс од 201 до 300 е означен како „многу нездраво“. Тоа значи дека воздухот е нездрав и може да предизвика зголемено влошување на работата на срцето и на белите дробови. Треба во голема мера да се намали работењето на отворено, а чувствителните групи граѓани треба да ги избегнуваат сите активности на отворено. Секој треба да носи маска за загадување и да не се отвораат прозорци за да се проветруваат просториите.

Индекс од 301 до 500 е „опасен“. Во овој случај квалитетот на воздухот се смета за токсичен и претставува сериозен ризик за здравјето на луѓето. Секој треба да избегнува секаков напор на отворено, задолжително да се носи квалитетна маска за загадување. Се препорачува домовите да бидат запечатени и да се вклучат воздушните пречистувачи.
 

Содржината е прочитана 521 пати.