Бизнис вести

Групацијата „Сава Ре“ од Љубљана ќе биде новиот сопственик на НЛБ Нов пензиски фонд

Купопродажниот договор е потпишан и сега останува уште Агенцијата за супервизија да даде одобрение за трансакцијата

четврток, 14 декември 2017

Групацијата „Сава Ре“ од Љубљана ќе биде новиот сопственик на НЛБ Нов пензиски фонд. Двете страни го потпишаа купопродажниот договор и сега останува само Агенцијата за супервизија МАПАС да даде одобрение за трансакцијата.

„Сава Ре“ е избрана помеѓу неколку заинтересирани инвеститори, главно од регионот, а при изборот се внимавало новиот сопственик да ги исполнува сите критериуми што ги предвидел регулаторот.

Одлуката за продажба на Пензискиот фонд беше донесена во март годинава, како дел од стратегијата на НЛБ групацијата во Љубљана за реорганизација на Банката да ги продава пензиските друштва и да се фокусира на банкарското работење.

„Одлуката за продажба е добра и за Банката и за корисниците на Фондот. Причината е едноставна. Ние не сме осигурителна компанија, туку банкарска групација. Нашата соработка ќе продолжи и понатаму, особено во делот на понуда на пензиските услуги на Фондот преку продажните канали на Банката, грижејќи се за финансиска стабилност на нашите членови. Сигурен сум дека ‘Сава Ре’, со своето искуство, ќе придонесе за развој на пензискиот фонд“, рече првиот човек на НЛБ банка, Антонио Аргир.

Надлежните велат дека промената на сопственикот на пензискиот фонд нема да значи и промена на условите за членовите на фондовите. Иако засега не се откриваат детаљи од договорот, се навестува дека ќе остане истиот број вработени и оти ќе се користи веќе воспоставената дистрибутивна мрежа.

„Во целата фаза на купопродажната постапка ние цврсто соработувавме со НЛБ. Главниот критериум на НЛБ, како продавач, беше купувачот да ги исполнува во целост и квалитативните и квантитативните услови кои ги бара регулаторот за успешна купопродажна трансакција. Оваа трансакција е многу важна за нас, во поглед на стратешкото проширување. Кога купуваме ваков продукт, сакаме да го развиваме со децении, што значи, ќе бидеме присутни на македонскиот пазар уште долги години“, изјави Марко Јазбец, претседател на УО на „Сава Ре“.

Инаку „Сава Ре“ е веќе присутна на македонскиот пазар преку осигуреителната компанија „Сава осигурување“. НЛБ Прв пензиски фонд е формиран во 2005 година и во моментот управува со два пензиски столба- задолжителниот во кој има 217.654 и незадолжителниот со 9.548 осигуреници. Располага со вкупно над 430 милиони евра.
 

Содржината е прочитана 137 пати.