Бизнис вести

Македонија доби неповратни 70 милиони евра за пругата Бељаковце-Крива Паланка

Парите ги доделува Управувачкиот комитет на инструментот за инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), на кој беа распределени вкупно 101.375.540 евра. Освен Македонија неповратна помош доби уште само Србија

четврток, 14 декември 2017

Македонија доби 70 милиони евра неповратна помош од Европската комисија. Инвестицискиот грант е наменет за реализација на проектот за рехабилитација на дел од железничката пруга од Коридорот 8, за втората делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри.

Поддршката на Република Македонија ѝ е доделена во рамките на т.н. конективити-агенда од Берлинскиот процес, што беше најавена уште на самитот на земјите од Западен Балкан минатиот јули во Трст.

Претставници на Секретаријатот за европски прашања и на Министерството за финансии учествуваа на Управувачкиот комитет на инструментот за инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), на кој беа распределени вкупно 101.375.540 евра како инвестициски грантови (неповратна помош) на земјите од Западен Балкан. Меѓу останатите земји од Западен Балкан, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, освен Македонија пари доби уште и Србија и тоа во висина од 31.375.540 евра.

Покрај грантот од 70 милиони евра за Македонија, Комитетот го одобри и проектот за изработка на техничка документација за автопатот Стенковец – граничен премин Блаце, во висина од 1.010.000 евра. Средствата се наменети за изработка на документација за инфраструктурен и за основен проект за автопатско решение за државниот пат А4, како прва фаза од автопатот што ќе го поврзе Скопје со косовската граница.

Македонија на последниот повик на WBIF во ноември поднесе барање за инвестициски грантови и за два проекта: за изградба на автопатска делница Кичево – Гостивар, грант за инвестиции и за техничка помош во вкупен износ од 20 милиони евра. Овие средства би биле наменети за финансирање на дел од градежните работи за патната делница Кичево – Гостивар (делот од Букојчани до Кичево). Вториот проект се однесува за надградба и развој на патниот правец од Крива Паланка до границата со Бугарија, за грант за инвестиции и за техничка помош во вкупен износ од 2,62 милиона евра, кои би биле наменети за финансирање дел од градежните работи за патната делница Крива Паланка – Деве Баир. За овие проекти веќе се почнати преговори за заеми од ЕБОР, а распределбата на грантовите од страна на Управувачкиот комитет на WBIF ќе биде во јуни 2018 година.

„Регионот на Западен Балкан останува високо на агендата на Европската комисија, за што на овој состанок и официјално беа најавени два нови повика за аплицирање за инвестициски грантови во висина од 100 милиони евра и техничка помош во висина од 12 милиони евра. Повикот за инвестициски грантови за инфраструктурни проекти ќе биде отворен во текот на 2018 година“, соопштија од Секретаријатот за европски прашања.

 

Содржината е прочитана 189 пати.