Бизнис вести

Град Скопје ги прогласи најдобрите ресторани и кафулиња

За најдобри ресторани се избрани „Оливе“, „Лајт џез клуб“ и „Македонска куќа

среда, 13 декември 2017

Рестораните „Оливе“, „Лајт џез клуб“ и „Македонска куќа“ се избрани за најдобри во категоријата ресторани на традиционалниот избор за најдобри угостителски објекти во Скопје за 2017 година. За најдобри гостилници се прогласени „Сношти минав“, „Кафана“ и „Скара бар“, а најдобри во категоријата кафе барови се „Рок Бар Круг“, „ Mr. Jack“ и „Speakeasy“.

Градот Скопје традиционално ги избира најдобрите угостителски објекти. Во соработка со Агенцијата „СВОТ“ ДООЕЛ-Скопје веќе 10 пат се спроведува проектот „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите“, додека најдобрите кафе барови се избираат по втор пат. Целта е да се разбуди свеста и кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата во оваа дејност, што ќе го придонесе за подобрување на амбиентот во сите угостителските објекти во Скопје.

„Во нашите угостителски објекти, во кои сопствениците внимаваат и на најмалите детали, се трудат се да биде совршено и проверено, создаваат уникатен впечаток, се чувствува духот на македонската традиција, гостопримството и љубезноста. Се надеваме дека резултатите од ова истражување ќе бидат земени во предвид од угостителите во градот и ќе резултираат со отстранување на недостатоците. Тоа ќе влијае на подобрување на услугата во иднина, во полза и на корисниците на услугите и на сопствениците на угостителските објекти, што секако ќе придонесе и за развојот на економијата во Скопје“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Кристијана Ивановска Доревска од Агенцијата „СВОТ“ ДООЕЛ- Скопје појасни дека годинава во текот на истражувањето биле опфатени 50 ресторани, 50 гостилници и 70 кафулиња на територијата на Скопје. Притоа биле спроведени вкупно 300 посети на гостилниците и рестораните, а во кафулињата имало 210 посети. Секој угостителски објект бил посетен 3 пати. Најдобрите ресторани, гостилници и кафе барови се избрани според исклучителноста на угостителските услуги, уникатниот амбиент и специфичната приказна која ја креираат. Ним денеска им беа врачени признанија за квалитет и престиж.
 

Содржината е прочитана 229 пати.