Бизнис вести

Владата ги повикува бизнисмените да инвестираат и да извезуваат

За секоја нова инвестиција ќе се обезбеди државна поддршка во висина од 10 проценти од инвестицијата, за подобрување на конкурентноста на странски пазари ќе има дополнителни 10 проценти, а доколку се зголемува интернационализацијата во земјите од Западен Балкан, поддршката е уште 10 отсто

среда, 13 декември 2017

Владата ги повика бизнисмените да инвестираат и да извезуваат производи, бидејќи за наредната година предвидува 46 проценти повеќе средства за поддршка на домашните компании. Односно, финансиски ќе ги поддржи со минимум 10 процнети од вложениот капитал оние компании кои ќе покажат економски раст и ќе го задржат бројот на вработени, а за извозно ориетираните, пак, поддршката ќе биде двојно повисока.

„Ги повикувам стопанствениците да го препознаат моментот и да го фатат овој нов економски бран, да инвестираат во Македонија за повисок економски раст и за подобра иднина на сите. За секоја нова инвестиција ќе се обезбеди државна поддршка во висина од 10 проценти на инвестицијата, за инвестиции кои се однесуваат на подобрување на конкурентноста на странски пазари дополнителни 10 проценти, а доколку се зголемува интернационализацијата во земјите од Западен Балкан, поддршката е дополнителни 10 отсто. Така, инвеститорите ќе имаат можност да добијат поврат до 30 проценти од направените инвестиции“, потенцираше вицепремиерот Кочо Анѓушев на форумот „Преку интернационализација на стопанството до поголем економски раст“ организиран од Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

Анѓушев нагласи дека има простор за зголемување на БДП, но само доколку се зголеми извозот, кој во БДП учествува со 53 проценти, а треба да биде меѓу 60 и 70 проценти.

„Македонија е мала држава со ограничен пазар и потрошувачка и со лимитиран простор за зголемување на БДП на домашниот пазар. Затоа за зголемување на БДП треба да се зголеми извозот, но да има и подобра покриеност на увозот со извоз. Во последните месеци оваа бројка расте и моментално сме на рекордна покриеност од 74,4 отсто“, рече Анѓушев.

Едвард Гонзалес, директор на Канцеларијата за развој на УСАИД во Македонија рече дека се потребни дополнителни подобрувања во трговскиот сектор кои ќе понудат поддршка на растечките извозно ориентирани компании за да може македонската економија да се развива и да оди напред.

Менаџерот на „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ Љубомир Димовски, посочи дека со проектот кој е реализиран во соработка со Стопанската комора на Македонија, МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори, досега се организирани 18 информативни настани и осум форуми низ Македонија на кои учествувале повеќе од 500 компании и на кои биле идентификувани повеќе од 80 проблеми и потреби за подобрување на постоечката правна регулатива со која секојдневно се соочуваат компаниите.
 

Содржината е прочитана 178 пати.