Инфо

Загадувањето руши рекорди, државата дава повеќе пари во Инспекторатот за животна средина

Дали дополнителните 10 милиони денари се доволни за нормално функционирање на Државниот инспекторат, допрва ќе се види, зашто, факт е дека овој орган се соочува со многу проблеми

среда, 13 декември 2017

По краткото расчистување кога благодарение на дождот и на ветерот штетните честички во воздухот беа сведени на минимум, деновиве загадувањето повторно ги руши границите. Неколкупати повисоки концентрации на ПМ10 честички секојдневно се регистрираат на сите мерни станици и тоа во текот на целиот ден, а пикот се достигнува во доцните вечерни часови кога концентрацијата е 10 и повеќе пати над максимално дозволената граница од 50 микрограми на кубен метар. Така, во текот на изминатата ноќ мерната станица во Лисиче покажа дека во воздухот во овој дел од Скопје ПМ 10 честичките достигнале 533 микрограми на кубен метар.

Воздухот во Скопје е прекумерно загаден во текот на цело едно деноноќие. Концентрациите на ПМ 10 честичките секогаш се од најмалку три до над 10 пати над пропишаната граница. Редовно најзагадени општини се Аеродром, Карпош, Центар и Гази Баба. Но, не е само Скопје погодено од овој проблем. Загаден воздух дишат и граѓаните на Тетово, на Кавдарци, Битола, во Велес, Куманово...

Проблемот е стар и се повторува секоја година. Граѓаните почнуваат да го чувствуваат со првите постудени есенски денови и се борат со него се до почетокот на пролетта. Иако одговорните во локалните самоуправи постојано упатуваат препораки како да се избегне изложување на штетното влијание и навидум преземаат некакви мерки за колку е можно да се намали концентрацијата на суспендирани честички во амбиенталниот воздух, сепак, повеќе од очигледно е дека се делува недоволно. Оттаму, граѓаните со право бараат конкретни чекори и пред се, многу повеќе пари за решавање на проблемот. Во таа насока деновиве граѓанската иницијатива „О2 коалиција за чист воздух“ со поддршка на други невладини еколошки организации упатија отворено барање до премиерот Заоран Заев за обезбедување повеќе средства во државниот буџет за заштита на животната средина. Од Владата, пак, им беше ветено дека во моментот кога ќе бидат дефинирани нови и соодветни квалитетни решенија таа ќе направи релокација на средства или ребаланс на буџетот.

„За наредната 2018 година за прв пат има посебна буџетска ставка за намалување на аерозагадувањето. Средства никогаш не се доста, но мора да имаме во предвид дека борбата со загадувањето се води преку различни министерства. А, само за Министерството за животна средина посебната ставка изнесува околу 630.000 евра, иако и секоја ставка во буџетот на ова Министерство е некаква алатка во борбата со загадувањето“, вели за „Марили“ заменикот министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Дека Владата има сериозна намера да се фати во коштец со загадувањето, говори и последната одлука во дополнетиот предлог-буџет за 2018 година да ги зголеми финансиските средства за Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во висина од 10 милиони денари, односно, за дополнителни над 160.000 евра.

Дали овие пари се доволни за нормално функционирање на Инспекторатот, допрва ќе се види, зашто, се чини, граѓаните најмногу очекуваат токму од инспекцијата. А, факт е дека ДИЖС се соочува со многу проблеми. Овој Инспекторат, кој е орган во состав на Министерството со статус на правен субјект и сопствен буџет, е одговорен за спроведување на инспекциите и за усвојување на мерките за спроведување со цел заштита на квалитетот на животната средина. ДИЖС, меѓу другото врши и надзор на инсталациите кои имаат А дозвола и оние со Б дозвола доколку се лоцирани во заштитени подрачја, а се грижи и за правилно усогласување, проверување и спроведување на законите и сите други одредби во областа на животната средина. Но, и покрај бројните обврски има само 15 државни инспектори за животна средина. Од нив, само тројца инспектори се за целата територија на Скопје.

„Што се однесува до буџетот, истиот е мошне рестриктивен уште од мај 2014 година, кога сите државни инспекторати станаа посебни правни субјекти. За 2017 година буџетот е 15,4 милиони денари од кои 12,5 милиони се за плати, а за 2018 беше предвидено да биде намален на 14,7 милион денари. Според буџетот, ДИЖС се наоѓа на претпроследното место во однос на останатите 14 инспекторати. Ние оваа година ја завршуваме со буџетски минус од еден милион денари. Опремата со која располагаме е добиена преку Твининг проект на ЕУ. Имаме 10 нови возила за кои во буџетот на Инспекторатот недостигаат средства за нивно одржување и имплементирање. Секако, недостасуваат уште неколку нови возила, ние баравме зголемен буџет за 6 милиони денари, да се зголеми бројот на инспектори, да се вработат правник, економист. Сето ова недостасува за реализација на минимум квалитетни инспекциски надзори“, вели за „Марили“ Мирослав Богдановски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Покрај државните инспектори, секоја општина има свои овластени инспектори за животна средина кои се одговорни за вршење инспекција на локално ниво. Но, факт е дека во голем процент од случаите општинскиот овластен инспектор во исто време е задолжен и за комуналии и за други видови инспекција, а често е одговорен и за издавање интегрирани Б дозволи и елаборати. Токму големиот обем на работа во однос на малиот број инспектори веројатно е и причина за бавното и тешко откривање на вистинските и најголемите загадувачи на воздухот.

„Загадувач е оној правен субјект или физичко лице кога со докази ќе се утврди дека во одреден момент извршил законска повреда или загадување на медиум или област од животната средина. Кога говориме за потенцијални загадувачи, тогаш говориме или ги препознаваме најчесто индустриските постројки, но еден голем фактор кој придонесува за зголемување на притисокот врз животната средина е влијанието на човекот, односно, антропогеното загадување, бидејќи и станбени објекти, градинки или други објекти вршат притисок врз животната средина, на пример со отпадни води или со загревање. Инспекторите и на централно и на локално ниво работат согласно иста процедура за инспекциска постапка“, појаснува Богдановски.

А, законите предвидуваат казнени одредби за прекршителите, како и глоба која се движи од 50, 1.000, па се до 20.000 евра во денарска противвредност, во зависност од прекршокот. Највисоката глоба може да достигне и до 100.000 евра за трета категорија прекршоци, за што се поднесува записник за спогодување. Од Инспекторатот тврдат дека има казнувања во прекршочна постапка за одредени законски повреди, но не прецизираат колку казни се изречени досега и колку глоба е наплатено.

Како еден од главните загадувачи на воздухот сите ги посочуваат домаќинствата, односно, затоплувањето на домовите со горење разни несоодветни материјали. Но, домаќинствата не се во ничија надлежност, поточно, никој нема ингеренција да врши контрола на тоа што користат граѓаните кога ги палат печките. Од Државниот инспекторат потврдуваат дека во моментот нема законска одредба која дава можност било која инспекција да изврши надзор на приватен имот без судски налог.

„Министерството и општината се тие кои ја креираат политиката и стратегиите и тие се институциите кои можат заедно со Владата и со Интерсекторската група за воздух да донесат мерки што ќе ги спроведат различни институции“, велат од Инспекторатот.
 

Содржината е прочитана 396 пати.