Инфо

Од печката за горење медицински отпад на „Дрисла“ воздухот е полн со јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прав

Државниот инспекторат за животна средина ја ограничил работата на печката и забранил таа да работи кога мерната станица во Лисиче ќе покаже надминување на штетните супстанци

вторник, 12 декември 2017

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ја ограничи работата на печката за мединциски отпад на санитарната депонија „Дрисла“ на осум часа во период помеѓу 7 и 19 часот и забрани таа да работи во деновите кога ќе бидат надминати праговите на алармирање за зголемено присуство на штетни материи во воздухот што ќе покаже мерната станица во Лисиче.

Ваквата мерка е донесена по извршениот вонреден инспекциски надзор на депонијата, на први декември, при што било утврдено дека од согорувањето во печката за медицински отпад воздухот се загадува со јаглероден моноксид, сулфур диоксид и со прашина.

Во моментот кога бил вршен увидот печката не била вклучена, но инспекцијата констатирала дека таа работи секојдневно во две смени со капацитет од 250 килограми на час, односно 3 тони на ден.

„Од добиените резултати од мерењата на емисијата на загадувачки супстанции во воздухот од печката за спалување медицински отпад, за месеците септември-октомври е евидентирано надминување согласно Правилникот на граничните вредности за параметрите, односно просечните концентрации на јаглероден моноксид, сулфур диоксид и прашина. Поради ова надминување и повреда на законска одредба, ДИЖС поведе постапка која е согласно Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, односно Законот за животната средина за правното лице, а Записникот е потпишан и прифатена е спогодбата која понатаму ќе ја води Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање. Казните за ваков прекршок се од 10.000 до 25.000 евра“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.

Оттаму информираат дека „Дрисла“, согласно дозволата, врши месечни мерења на емисијата на гасови од оџакот на инсинераторот од страна на акредитираната лабораторија за животна средина „Технолаб“, за што се изработуваат месечни извештаи. Покрај мониторингот од страна на „Технолаб“, депонијата има поставено и сопствена помала автоматска станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух, а резултатите од мониторингот се објавуваат на интернет страницата на Депонијата.

Од 2016 година за сопствени потреби „Дрисла“ врши мерење и на јонизирачко зрачење (радиоактивност) на отпадот што влегува и на разни делови на самата депонија. Овие мерења се вршат на целата површина на депонијата, почнувајќи од влезот каде им се врши мерење за јонизирачки зрачење на одредени возила кои носат отпад, па завршувајќи на самото тло на депонијата каде е депониран отпадот. За извршените мерења „Дрисла“ води дневник за интерни потреба, кој е достапен за увид на надлежните институции. Според овие извештаи, потенцираат од Инспекторатот, на депонијата нема радијација, односно, нема надминување на граничните вредности за јонизирачко зрачење.
 

Содржината е прочитана 107 пати.