Инфо

Либерализацијата на пазарот нема да ја зголеми цената на струјата за домаќинствата

Со новиот закон за енергетика граѓаните ќе можат сами да одлучат дали ќе купуваат струја, или гас и да одберат кој било снабдувач

вторник, 12 декември 2017

Целосната либерализација на пазарот на електрична енергија нема да ја зголеми цената на струјата што ќе ја плаќаат домаќинствата. А, со донесување на новиот закон за енергетика, се гарантира правото на граѓаните сами да одлучат дали ќе купуваат електрична енергија или природен гас и од кој било снабдувач во Македонија. За оние, пак, кои нема да изберат еден од снабдувачите на електрична енергија, ќе има универзален снабдувач, што значи никој нема да остане без струја и ако не потпише договор со некој од снабдувачите на пазарот.

Ова го рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на прес конференција посветена на новиот Закон за енергетика.

„Доколку на светскиот пазар нема големо поместување на цените на електричната енергија, нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата“, рече Анѓушев и потенцираше дека тоа го покажа и искуството на компаниите кои први се најдоа на слободен пазар на електрична енергија.

Тој смета дека со новиот закон ќе бидат надминати конфликтите на интереси во делот на гасот и на електричната енергија.

„Со ‘Макпетрол’, кој се јавува како снабдувач и дистрибутер на гас, се преговара за извршување избор и соодветно обештетување. Компанијата има интерес да остане снабдувач со гас, што значи ГАМА ќе мора да се спои со МЕР, чија дејност ќе биде дистрибуција на гас“, појасни Анѓушев.

Предлог-законот за енергетика е веќе на јавна расправа. Законот потоа треба да помине на седница на Влада и да биде доставен до Собранието. Се очекува законот да биде донесен најдоцна до крајот на март, по што има рок од девет месеци да се избере универзален снабдувач кој ќе има договор од пет години за снабдување. Целосната либерализација на енергетскиот пазар во земјава се очекува на крајот на 2018 година.

Ваков закон требаше да се донесе во 2014 година, но тоа не е сторено, поради што Македонија доби и две тужби од Европската енергетска заедница.

„Република Македонија, како потписник на договорот за основање Енергетската заедница има преземено многу обврски, а една од најважните е усогласување на националното законодавство со ЕУ-регулативите и директивите. Во новиот закон за енергетика ќе се изврши усогласување со третиот енергетски пакет на ЕУ, а со негово донесување ќе се надминат и споровите што се поведени кон Република Македонија, со што ќе ја вратиме и довербата на ЕУ кон македонските институции. За нашите граѓани отворањето на пазарот значи и конкурентни цени и гарантираме дека цената на електричната енергија нема да се зголеми“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши и појасни дека предлог-законот веќе е поставен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) каде секој заинтересиран може да се запознае со содржината на предлог-текстот.
 

Содржината е прочитана 143 пати.