Инфо

Заев и екологистите разговараа за 16 „жешки точки“ кои ја загрозуваат животната средина

Двете страни се согласиле дека во моментот кога ќе бидат дефинирани нови и соодветни квалитетни решенија, Владата е подготвена да направи релокација на средства или ребаланс на буџетот

вторник, 12 декември 2017

Претседателот на Владата, Зоран Заев и заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули синоќа се сретнаа со претставници на граѓанската иницијатива „О2 коалиција за чист воздух“ и на други еколошки граѓански организации, откако екологистите претходно поднесоа барање за редистрибуција на буџетските средства кон зголемена заштита на животната средина, намалување на загадувањето и запирање на работата на рудниците. Активистите бараат за заштита на животната средина да се обезбедат најмалку 2,5 проценти од предвидените вкупни расходи за 2018 година.

Од кабинетот на Заев информираат дека на средбата се разговарало детално за 16 „жешки точки“ коишто ја загрозуваат животната средина и за мерките кои се преземаат и предлагаат, како што се гасификацијата, десулфуризацијата, субвенциите за фотоволтаици, енергетските фасади, планското пошумување, интензивното зголемување на зелените површини во урбаните средини, зголемување на буџетот за Инспекторатот за животна средина, пречистителните станици, заштитата на Охридското езеро од неконтролиран развој на туризмот, изградбата на ветерници, мерните станици, решавањето на проблемот со депониите и друго.

Двете страни се согласиле дека во моментот кога ќе бидат дефинирани нови и соодветни квалитетни решенија, Владата е подготвена да направи релокација на средства или ребаланс на буџетот. Во делот на рудниците било речено дека во овој момент се работи на изнаоѓање правно-формални аргументи и механизми за решавање на проблемот со што ќе се заштити животната средина и во исто време ќе се обезбеди интересот на државата.

Од граѓанската иницијатива „О2 Коалиција за чист воздух“ заедно со повеќе граѓански здруженија и иницијативи и активисти од цела Македонија претходно се заканија дека доколку не бидат прифатени нивните барања, тие ќе преземат правни чекори и ќе поведат постапки против Република Македонија за кршење на ратификуваните конвенции, на Уставот и на човековите права и правата на детето. Рекоа дека за тоа ќе ги известат Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите Нации, ќе поднесат жалби до Комитетот за правата на детето при ОН и Комитетот на ОН за човекови права, а ќе се обратат и до Специјалниот известувач за импликациите по човековите права на еколошки здравото управување и депонирањето на опасните супстанции и отпадот при Советот за човекови права на ОН, како и до Специјалниот известувач за човековите права и животната средина при Советот за човекови права на ОН за утврдување на кршењето на човековите права и животната средина во случајот со рудниците „Иловица“ и „Казандол“, РЕК Битола, со Охрид и Охридското езеро...

„Веќе се знае колку, каде, што и како е загадено. Доколку вие сте некој што има обврска да преземе некаков чекор, а тоа не го правите, вие учестувавете во таканаречениот екогеноцид. Проблемот со загадувањето во целата држава станува нешто што може да го наречеме елементарна непогода. Доколку во оваа состојба оној кој е најповикан не преземе ништо, нам не ни останува ништо друго освен да преминеме кон последниот чекор, тропање на меѓународните врати“, рече активистот Душко Груевски.

Премиерот Заев синоќа истакнал дека гласот на граѓаните допрел до институциите и дека граѓанскиот притисок мора да остане силен и да ја насочува Владата и сите надлежни институции кон изнаоѓање решeнија за заканите по животната средина.
 

Содржината е прочитана 361 пати.