Бизнис вести

Треба да се вложат 300 милиони евра за енергетска ефикасност на старите згради

Со процесот за зголемување на енергетската ефикасност треба да се опфатат 10.000 до 12.000 згради изградени во изминатите 60 до 70 години

понеделник, 11 декември 2017

Со инвестиции од 300 милиони евра за енергетска ефикасност во зградите во колективно домување во Македонија за пет до осум години ќе се обезбеди заштеда на 30 до 50 проценти од потрошувачката на енергија за греење и ладење, што претставува 60 до 70 отсто од вкупната потрошувачка на енергија во домаќинствата.

Тоа го покажуваат прелиминарните проценки на „Хабитат-Македонија“, НВО за обезбедување едноставни, пристојни и пристапни решенија за живеалишта на оние кои живеат во услови на сиромаштија, а беа изнесени на експертска консултација за развојот на пазарот во секторот домување со фокус на енергетската ефикасност.

Првиот човек на „Хабитат Македонија“, Зоран Костов рече дека со процесот за зголемување на енергетската ефикасност треба да се опфатат 10.000 до 12.000 згради изградени во изминатите 60 до 70 години, во време кога се посветувало многу малку внимание на енергетската ефикасност.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески најави посериозна контрола на објектите кои ќе се градат во наредниот период и за таа цел создавање нова легислатива за следење на современите текови во градежништвото.

„Праксата покажува дека иако постоечкиот закон пропишува новите објекти да поседуваат потврда за енергетски ефикасен објект, голем дел од нив во процесот на изградба не соодветствуваат со пропишаните стандарди за енергетска ефикасност. Затоа сметам дека се потребни нови законски решенија кои ќе ја подобрат контролата од проектирање па се до изградба на објектот“, рече Сугарески.

Во таа насока се планира да се формира Фонд за енергетска ефикасност, каде средствата ќе се обезбедуваат од енергетските компании, како и од фондови и грантови од ЕУ. Парите ќе се користат исклучиво за финансирање енергетски ефикасни проекти. Планирани се и локални центри за енергетска ефикасност каде по барање на граѓаните или на малите и средните преторијатија ќе се изготвуваат или ќе се ревидираат веќе изготвени проекти за енергетска ефикансот. Тие проекти би биле основа за аплицирање пред банките за одобрување кредити за нивна реализација.
 

Содржината е прочитана 210 пати.