Бизнис вести

Извозот на стоки и услуги зголемен за 9,8 отсто, а увозот за пет проценти

Во првите три квартали годинава вкупната вредност на извезени прехранбени производи изнесува 228,1 милиони евра, додека истовремено увозот е во вредност од 435,6 милиони евра

понеделник, 11 декември 2017

Државава се уште извезува помалку отколку што увезува, иако извозот на стоки и на услуги во првите девет месеци од оваа година е номинално зголемен за 9,8 отсто, а увозот за 5,0 отсто.

Во првите три квартали годинав вкупната вредност на извезени прехранбени производи изнесува 228,1 милиони евра, што е за 2,3 милиони евра помалку во споредба со истиот период минатата година, кога било извезено храна во вредност од 230,6 милиони евра. Истовремено, пак, увозот на прехранбени производи е речиси двојно поголем од извозот. Така, во првите девет месеци годинава се увезени прехранбени производи во вредност од 435,6 милиони евра, што е за 37,2 милиони евра повеќе во однос на увозот лани кој бил во вредност од 398,4 милиони евра.

Затоа, пак, во овој период е забележан зголемен извоз на тутун и тутунски производи, на сметка на увозот. Односно, извезено е тутун и тутунски производи во вредност од 109,4 милиони евра, што е за 18,1 милиони евра повеќе отколку во првите три квартали лани, а увозот е во вредност од 29,6 милиони евра и е за еден милион евра помалку од истиот период минатата година кога биле увезени тутун и тутунски производи во вредност од 30,6 милиони евра.

Според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на раст на БДП за третото тримесечје од годинава е 0,2 проценти. Во овој квартал најголем пораст од 9,8 отсто е забележан во секторите: Трговија на големо и трговија на мало, Поправка на моторни возила и мотоцикли, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, пораст од 3,8 проценти има во секторот Земјоделство, шумарство и рибарство и 0,9 проценти во сектор Дејности во врска со недвижен имот.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2017 година номинално пораснала за 5,0 проценти, додека нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 65,5 проценти.
 

Содржината е прочитана 166 пати.