Бизнис вести

Швајцарскиот фонд ФОС има големи визии за „Фени“

Швајцарците планираат од македонскиот комбинат да направат најголем производител на фероникел во Европа

понеделник, 11 декември 2017

Швајцарскиот инвестициски фонд – ФОС, кој потпиша Меморандум за разбирање со банките и депонираше средства за започнување на активностите во „Фени Индустри“ има големи планови за македонскиот комбинат. Фондот е подготвен целосно да ја заживее фабриката и од неа да направи најголем производител на фероникел во Европа.

„Оваа активност планирана од страна на ФОС ја покажува сериозноста за преземање на ‘Фени’и визија за фабриката да стане најголемиот производител на фероникел во Европа. Постои план за рестартирање на комбинатот и Фондот е подготвен да се посвети на потребните инвестиции во фабриката. Целта е здраво заживување и проширување на операциите, додека работата на вработените, како и социјалниот живот ќе бидат заштитени на долг рок“, се вели во соопштението на швајцарскиот инвестициски фонд.

Оттаму додаваат дека имаат капацитет да инвестираат во комбинатот, бидејќи се работи за сериозен бизнис кој бара сериозни инвестиции и оператори.

„Имаме план веднаш да ја рестартираме фабриката, постепено да ги прошируваме нејзините операции и да оствариме дополнителни вработувања на долг рок. Веќе го направивме бараниот депозит од страна на банките, согласно нашите обврски во Меморандумот за разбирање. Многу сме среќни што платите на вработените беа исплатени“, изјави Маркос Камхис, основач и извршен директор на „ФОС Асет Менаџмент“.

Тој потенцира дека сите вработени ќе бидат задржани, а долгорочно се планирани и нови работни места. Нема да се увезуваат ниту менаџери за работа во комбинатот, туку ќе се задржат луѓето кои работат со години, имаат искуство и тие ќе бидат ставени на раководни позиции.
 

Содржината е прочитана 166 пати.