Интервјуа

Интервју со госпоѓа Ели Танасковска, уредник и водител во МТВ

Ние се изгубивме во ова време. На ист кантар ставаме квалитет и целосен неквалитет. Нема веќе здрав коментар од квалитетен балетски критичар. Немате осврт на филмски, театарски, телевизиски критичар. Знаете ли дека во златното време на вреднувања, заради негативна, но вистинска, а не тенденциозна критика, актерите не играа, водителите паузираа. Кој го креира вкусот кај публиката денес? Кој ви паѓа на ум??? Сè се сведе на политички, а нема вистински диоптер! Немате реална слика кога гледате тенденција кај новинар, уредник, водител. И изборот на гости е таков. За жал, медиумите го поделија народот и тие се големи креатори во нетрпеливоста и создавањето омраза. Тоа мора да престане! И мора да се тргне по вистинскиот автопат. Потоа е лесно. Ги читаш знаците што постојат за да те водат кон безбедна иднина. Кој скршне, самиот одговара за себе и за последиците! Мора да постои лична одговорност!

понеделник, 11 декември 2017

МАРИЛИ: Госпоѓа Танасковска, моментно сте уредник и водител во МТВ со своја емисија насловена како „Неделен магазин“. Кажете ни колкав пат требаше да изодите за да бидете тоа што сте денес - респектиран медиумски бренд?
ТАНАСКОВСКА:
Патот беше како и во секоја професионална категорија, од првото скалило. Од буквата А. Од моментот кога научив течно да читам и во селекција од стотина деца влегов како најмал член во Детската радиодрама на МРТ. Учев правилен говор, дикција, како се води радиоемисија, како се однесува дете во автобус, во училиште, во културна институција. Тоа беше вистинска Академија за бонтон и протокол. Едно десетгодишно дете е обучено да избира соодветен прибор за јадење, да знае кој влегува прв, а кој последен. 

Тоа знае кога да даде аплауз на класично дело. И ден-денес водилка ми се овие критериуми. На 17 години, повторно во силна конкуренција, бев избрана за најавувачка во МТВ. Новиве генерации не знаат што беше тоа. Но порано наместо телетекст имаше спикер што читаше само такви најави. Но и тогаш не бев привилегирана како член на радиодрама. Напротив , повторно одново друго школо. Однос со камера, смиреност, правилен говор. Додека студирав, во исто време работев хонорарно во Културната редакција на Радио Скопје. Потоа почнав во МТВ како помлад соработник во емисијата „ Добро утро, добар ден“, па „Неделно попладне“, потоа „Ноќна програма“, „Утринска програма“... Бев и уредник и водител. Благодарејќи на претходното собрано искуство, познавањето јазици, ефикасноста, организацијата и исполнителноста моите тогашни уредници сериозно сметаа на мене. Ми беа доверени големи емисии во живо, телемостови, фестивали, дебатни емисии, отворени програми од 10 часа. И никогаш ништо не ми било тешко. Сè сум работела со посебна возбуда, радост и посветеност!

МАРИЛИ: Во периодот од 2010 до 2012 година бевте одговорен уредник на Првата програма на МТВ. Колку оваа функција е комплексна и колку Ви беше напорна?
ТАНАСКОВСКА:
По толку обуки за менаџмент и водство, електронски медиуми и развојна кариера беше логично да застанам на ова место. Не бев случајна личност ниту, пак, некој што допрва ќе ја проучува МТВ како структура и по хоризонтала и по вертикала. Беше тоа време кога бевме во многу лоша ситуација. Без концепт за финансирање, без графика и технички напредок. Но колегиумот што се состануваше секој ден анализираше, критикуваше и дејствуваше без никакви притисоци. Тоа беше програма во која имавме голем број квалитетни емисии. 

Имаше контактни емисии што одеа низ цела Македонија. Се снаоѓавме, немавме материјални можности, а имавме одлична сопствена продукција. Со напор повторно ги собравме и ги анимиравме оркестрите. Програмскиот колегиум беше единственото место каде што се креираше програмата. Првиот момент кога ни предложија проект однадвор, за кој сметавме дека не е на ниво и дека немаме потреба од него, колегиумот им го уочи тоа јавно на повисоките структури. Истиот момент кога почувствував притисок, а забележав дека и некои членови од колегиумот попуштаат, поднесов оставка. Секојдневно добивав молби од колегите да се вратам заради успешните релации со другите јавни медиуми во Европа, заради донациите, заради едукациите на кадрите, но зборот е збор!

 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што значи да се биде успешна жена менаџер и како Вие гледате на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери од РМ и од дијаспората“, која е во организација на агенцијата „Марили“, а и Вие сте дел од неа веќе подолг временски период?
ТАНАСКОВСКА:
Вие најдобро го знаете тоа. Вие сте креатори на новата рамка во која се сместува современата успешна жена, претприемач, лидер, раководител. Едукација, постојана надградба, лесна комуникација, харизма, исполнителност, доверба, смелост и резултати. Од година во година наметнувате повисоки стандарди и сте во трка сами со себе. Оваа манифестација ја доживувам како дел од себе. Како Академија за менаџмент , пиар агенција , човекови ресурси ...сè заедно. Агенцијата „Марили“ успешно ги отвора ретките школки што многу вредат и потоа ѝ ги подарува на јавноста. Ги раскажува успешните бизниси на низа успешни жени менаџери што вложиле знаење, едукација, мудрост. Ги следеле и ги прифаќале современите трендови. Благодарејќи на оваа манифестација запознав многу фантастични жени за кои Западот не е единствената мера за успех. Овде тие создаваат повеќе од Запад! Тие овде работат, заработуваат, успешни се на секој план и се вреднувани. Тие се прекрасни сопруги, мајки, колешки и пријателки. Среќа е да се запознаат. На целото ова прекрасно дело јас само додавам боја на поезија и проза, практично со збор ги сликам нивните ликови. И тоа е настан што се следи цела година, се селектира, се отвора мост за иднината. А финалето е само круна во која уживаме сите. И лауреатите и создателите и уметниците!

МАРИЛИ: Колку знаеме да ги негуваме и да им бидеме посветени на вистинските вредности во нашата средина? Дали долгата транзиција придонесе да еродираат културните норми што беа дел од нашето општество?
ТАНАСКОВСКА:
За жал... Целото ова чекање да се случи нешто, целото тапкање создаде клима за споредни играчи што вешто влегуваат по нестандарни патеки и создаваат хаос во сообраќајот. Погрешни луѓе што од старт ви велат дека некој ги поддржува (небаре треба да се плашиме и да молчиме). Но нашиот народ (не сите, чест на исклучоците) не е подготвен да се соочи со проблем и да реши конфликт. На некои им е полесно е да заземат страна, да молчат и да афирмираат. Или да мавтаат со партиски ознаки и да се закануваат. Тоа навлезе во секоја клетка. Социјалните мрежи станаа терен за расправии и за закани, за бришење на долгогодишни пријателства, премолчувања, па потоа бликнува реваншизмот. И сè подлабоко навлегуваме во човековата ерозија. Сведоци сме на ситуации во кои комплетно неспособни луѓе доаѓаат на важни функции. Тие со себе носат уште понеспособен тим. Тие наметнуваат нови норми што се неприфатливи и некорисни. Тогаш станувате фрустрирани, исплашени поради својата егзистенција. Безимени и без идентитет, тело што друг го моделира. Погледнете само што се промовира, ерозија на семејството, неморал, неприродни односи. Затоа имаме токсични релации и односи. Затоа сè се сврти наопаку! Среќа е што познавам и што околу себе препознавам колеги што од досегашните лекции научија дека доаѓа време кога треба да се честита за доброто, но и да се критикува лошото, гласно, јавно и без тенденција! Мислам дека има сè повеќе разбудени што веќе нема да толерираат неспособни, а гласни околу себе. Никој повеќе нема време ниту, пак, нерви за да си го губи времето со неспособни и неуспешни, со манипулатори. Веќе треба гласно да се зборува и со прст да се посочува. Ми пречи политичката обоеност и затскривањето зад партиски бои. Ми пречи парада. Парада на лажни вредности и аплаудирање за нив. Повели, покажи кој си и што си самиот! Колку си „фајтер“ без некој грб и без да бидеш дел од толпа. Покажи ги сопствениот интегритет и личните способности, вештини! 
 
 
МАРИЛИ: Вие сте заштитен бренд и на Валандовскиот фолк-фестивал, но и културолог. Какво е Вашето мислење за тоа како и колку треба да водиме грижа за фолклорот, традицијата, археологијата, за сè она што е длабоко врежано во ова парче земја?
ТАНАСКОВСКА:
Оној што не ги почитува сопствените корени, како ќе го почувствува мирисот на цветот и на плодот?! Сè е во здравите корени. Во сокот што тече во стеблото и дава квалитетен плод. „Валандово“ е фестивал на новосоздадена македонска народна песна, како браник на туѓи влијанија. И многу ми пречи сега кога јавно се произнесуваат таканаречените интелектуалци дека дојде време да се запре народната песна, а да царува рокот. По тоа ќе го мерите умот на некој што знае на што се темели идентитетот на еден народ. Да, треба да се создава и да се наметнува вкус. Консументот, публиката го бара тоа. Ние се изгубивме во ова време. На ист кантар ставаме квалитет и целосен неквалитет. Нема веќе здрав коментар од квалитетен балетски критичар. Немате осврт на филмски, театарски, телевизиски критичар. Знаете ли дека во златното време на вреднувања, заради негативна, но вистинска, а не тенденциозна критика, актерите не играа, водителите паузираа. Кој го креира вкусот кај публиката денес? Кој ви паѓа на ум??? Сè се сведе на политички, а нема вистински диоптер! Немате реална слика кога гледате тенденција кај новинар, уредник, водител. И изборот на гости е таков. За жал, медиумите го поделија народот и тие се големи креатори во нетрпеливоста и создавањето омраза. Тоа мора да престане! И мора да се тргне по вистинскиот автопат. Потоа е лесно. Ги читаш знаците што постојат за да те водат кон безбедна иднина. Кој скршне, самиот одговара за себе и за последиците! Мора да постои лична одговорност!


 МАРИЛИ: Имате постојани средби со иселениците, како во МТВ, така и на фестивалите и на вашите патувања. Кои се Вашите сознанија за тоа колку нашинците знаат да ги зачуваат културата и традицијата, иако се далеку од дома?
ТАНАСКОВСКА:
Секогаш кога престојувам надвор од Македонија среќавам луѓе што не се откажале од своите корени и од себството. Прават конекции. Создаваат настани во кои и најмладите ги учат фолклорот, македонските дијалекти. Сè е во тек со родната земја. Но има и такви што се откажуваат од тоа штом ќе стапнат таму и стануваат поголеми граѓани од нативните. И споредувајќи ги едните со другите, може да се забележи дека првите се среќни, а вторите се длабоко несреќни и конфликтни. Ме радува кога на тие настани доаѓаат странци, се трудат да научат чекор од нашето оро. Некој нов збор. Сакаат да земат и да подготват македонски рецепт. Почитувајќи го туѓото, чувајќи го своето создаваат мултикултура. Создаваат, а не уриваат! 
 

 МАРИЛИ: При посетите на Канада, каде што живее дел од Вашето семејство, односно таму Ви се ќерката Симона и внуката, имавте и професионални средби. Какви се Вашите впечатоци за животот и за културното ниво во Канада?
ТАНАСКОВСКА:
И мојата ќерка е магистер по културни науки. Во Канада доби проект да ги спореди културните вредности на Канада и на Македонија. Веднаш ѝ беа отворени сите институции. Престојуваше меѓу Индијанците истражувајќи ги нивните обичаи, песни, традиција. Колку државата ги заштитува и колку придобивки добиваат. Беше меѓу Амишите. Одблиску ги запозна мануелниот начин на производство и начинот на нивното живеење. Благодарејќи на моето семејство Каркиќ, во кое има успешни бизнисмени, ми беше отворена вратата на бизнис-секторот и одблизу запознав милијардери што имаат успешни и вредни приказни. Благодарејќи на семејството Мачковски ја запознав градоначалничката на Мисисага, ураганот Хејзел Мек Калион. На семејството Карапанчеви, пак, конекцијата со Македонија. Од срце им благодарам за ретката можност што со пари не се купува. Едно неверојатно позитивно искуство.

МАРИЛИ: Пишувањето е Ваша пасија. Дали подготвувате нешто ново и дали се разбуди и Вашата поетска муза, особено со раѓањето на внуката Изабела Лара?
ТАНАСКОВСКА:
Пишувањето ми е дар од Бога. Студирав компаративна книжевност и магистрирав на културни науки. Лесно ми оди напливот од мисли и стилот што го поседувам. Неколкуте романи ги создадов за два-три дена. Барав само да се осамам и преплетувањето и дијалогот во мене да го спуштам на хартија. Изабела ми е најголемата инспирација. Третиот ден кога се роди, ќерка ми ми ја остави на еден час. Легнав до неа и ја гледав како спокојно дише, го мирисав нејзиниот мирис, кој ми влезе во секоја пора и како вулкан, како под опијат напишав 17 песни. Борба на мисли и наплив на стихови. Не можев да се постигнам. Набој, енергија што те експлодира однатре, а ти не можеш да постигнеш да допишеш. Ми недостига време. 
Станувам и го шетам моето куче, подготвувам појадок за Леона. Се подготвувам за работа. Сама ја правам емисијата и активна сум секој ден. Околу 1 часот по полноќ ја чекам Симона да ми ја покаже Изабела. Тогаш таа има најмногу време. И останувам до 3 часот наутро. Во меѓувреме секој нов ангажман значи и по неколку часа неспиење. Во моментов во главата имам подготвено две збирки поезија за најмалите, еден роман за вистинска приказна, љубов кон уличните кучиња и односот на луѓето и еден современ љубовен роман. Потребно ми е само малку слободно време, да се осамам неколку часа. Јас тип што е организиран до ситница, но чекам време!

МАРИЛИ: Какви се Вашите идни професионални планови и колку слободното време квалитетно го минувате со ќерката Леона, сопругот, но и со пријателите?
ТАНАСКОВСКА
: Семејството отсекогаш ми е на прво место. Јас го чувствувам секој успех, неуспех, убаво или лошо поминат ден. Ништо не мора да ми кажат. Сè чувствувам и за сè разговараме. На секој му посакувам љубов како мојата и на Златко. И ден-денес го познавам по чекорот кога се качува по скали. Го дочекувам со насмевка. На сите им посакувам деца како Симона и Леона, кои се отворени, носат среќа, умеат да ви го направат животот во илјада бои. За среќа, имаме пријатели што немаат материјални апетити, туку духовни. Слободното време поминато со нив е време на смеа и среќа. Би сакала алчните и саможиви луѓе веќе да сфатат дека алчноста ги одвраќа од најблиските. Злобата ги раскинува, ги прави лоши актери. Тие мислат дека купиле сè и веруваат во тоа затоа што ја купуваат и љубовта. Од тоа нема ништо. Среќата и вистинската љубов се нематеријално чувство. Тоа тече во вените и те воздигнува. Господ да ја множи љубовта и среќата во сечиј дом!
 

 

Содржината е прочитана 1152 пати.