Бизнис вести

Обвинителството отвори истрага за кражбата од сефови во Шпаркасе банка

Неколкуте филмски кражби од банки, го наметнуваат прашањето, колку се сигурни парите и другите вредни предмети коишто граѓаните ги чуваат во банките. Дали можеби ќе се врати навиката богатството да се крие под перница?

четврток, 07 декември 2017

Основното јавно обвинителство отвори истрага за наводната кражба од сефови во Шпаркасе банка откако две лица пријавиле дека во нивните банкарски сефови недостасуваат пари и вредни предмети.

Од Обвинителството информираат дека пријавата е веднаш доделена на дежурен јавен обвинител, кој во насока на расветлување на случајот издал наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот и за обезбедување податоци и документација од банката. Издадена е и наредба за вештачење на материјални траги подигнати на лице место. Притоа се проверува кој сè имал пристап до трезорот со сефови на банката.

Но, неофицијално се зборува дека се обиени не два, туку повеќе сефови во оваа банка и дека има пријави од неколку корисници на сефови во Шпаркасе банка. Екипи на МВР сега треба да извршат увид во банката со цел да се констатира точниот број на евентуално незаконски отворени сефови и да се утврди материјалната штета.

Во меѓувреме се огласи и Шпаркасе банка. Оттаму велат дека во соработка со МВР се спроведува истражна постапка за случајот.

„Шпаркасе банка Македонија во соработка со Министерството за внатрешни работи, согласно законските прописи спроведува истражна постапка во однос на изолираните пријавени инциденти во сефовското работење. Шпаркасе банка Македонија продолжува регуларно да ги извршува активностите во доменот на сефовското работење согласно поставените интерни процедури и законските прописи. Банката ги преземa сите мерки за да ги заштити интересите на клиентите и да ги опслужува со висока професионалност“, се вели во соопштението од Банката.

На проблеми со сметка во Шпаркасе банка деновиве се пожали и порталот „Сведок“, од чија сметка во почетокот на септември годинава со злоупотреба на податоци од картичка биле извлечени пари со кои се купувало онлајн во разни продавници во Германија, Италија, Литванија, САД. Порталот ја обвинува Банката дека одбива да изврши обештетување и случајот по службена должност да го пријави во полиција со образложение, како што се наведува дека „извлекувањето пари од сметка е приватен проблем на ‘Сведок’“.

„Според наоди на Банката, на почетокот на септември одредено лице креирало сметка на интернет и ја прашало банката дали има 1 долар на сметката на ‘Сведок’ за да ја резервира таа сума. Откако добило потврда, по два дена ја повторило истата постапка, резервирајќи уште еден долар. Потоа почнало да прави трансакции и онлајн купувања во износи од 450 до над 700 евра по трансакција. ‘Сведок’, по откривање на недостатокот на пари, евидентиран на извод на банката, ги оспори трансакциите, ја блокираше картичката и поднесе пријава до банката и до МВР. Шпаркасе банка, пак, правдајќи се дека оспорените трансакции се легални, бидејќи биле авторизирани со пин кодот, одбива да изврши обештетување“, се вели во информацијата на „Сведок“ и се потенцира дека порталот се сомнева и во вработени во Банката кои имале увид во сметката, бидејќи, парите биле извлекувани набрзо откако на сметката била префрлена рата за грант, чиј донатор е една од странските амбасади во Македонија.

Обиените сефови во Шпаркасе банка се само последен во низата случаи поврзани со кражби во македонските банки. Само за потсетување треба да се споменат грабежите од сефови во битолската филијала на Комерцијална банка. Во октомври минатата година беше пријавен случај на грабеж од сеф од оваа филијала при што во период од 10 јуни до 28 октомври некој ја отклучил и ја отворил вратничката од сефот и одзел 836.902 денари. Претходно беше пријавена кражба од сеф од истата филијала кога биле украдени два плика со по 20.000 канадски долари. Тогаш Комерцијална банка излезе со официјално соопштение во кое негираше дека постои можност вработен смостојно да отвори сеф и тврдеше дека се работи за непотврден случај за внатрешна употреба. Иако се најавуваше дека извршителите на делото ќе се бараат со ДНК анализа, до денес не е соопштено ништо.

Пред нецела година се случи и најголемиот грабеж во историјата на македонското банкарство, кога вработени во НЛБ банка го испразнија трезорот на Банката за околу три милиони евра, поточно, во кеса изнесоа два милиони швајцарски франци и 270.000 евра. Иако извршителите беа откриени и осудени, од парите нема никаква трага.

Овие филмски кражби од банки, кои се спектакуларни и за многу поголеми држави од Македонија, го наметнуваат прашањето, колку се сигурни не само парите, туку и другите вредни предмети коишто граѓаните ги чуваат во банките. Дека луѓето почнуваат да ја губат довербата, најдобро говори тоа што расте бројот на оние кои бараат да ги проверат сефовите што ги имаат во банките. И тоа не само во Шпаркасе. Дали ќе се случи масовно откажување на оваа банкарска услуга, останува допрва да се види. Но, самиот факт дека не се работи за еден изолиран случај, како што се обидува да го прикаже Шпаркасе, веќе создава тензија кај граѓаните кои сега се во дилема, дали, сепак, е можеби најсигурно богатството да си го чуваат под перница. Или евентуално да го закопаат во земја. Зашто, и покрај уверувањето на банкарските работници дека се работи за инцидентни случаи, дека парите на граѓаните се безбедни, а евентуалната загуба ќе биде обештетена, јасно е дека никакво осигурување нема да биде доволно да ја покрие штетата. Бидејќи, во тие сефови можеби има и нешто друго што е многу повредно од пари, нешто чија вредност, едноставно не може да се измери со пари.
 

Содржината е прочитана 38 пати.