Инфо

Балканскиот рис прогласен за критично загрозено животно

Досега присуство на балкански рис е потврдено во Западна Македонија, посебно во и околу националниот парк „Маврово“

четврток, 07 декември 2017

Во рамки на 37-та средба на постојаниот Комитет на Бернската Конвенција на 5 декември овој месец во Стразбур, балканскиот рис е ставен во Прилог бр. 2 на Бернската конвенција по иницијатива на албанското Министерство за туризам и животна средина.

Според Програмата за заштита на балканскиот рис, спроведувана од Македонско еколошко друштво повеќе од десет години, ова претставува големо признание и чекор напред кон заштитата на ова критично загрозено животно, присутно само на Балканот.

„Овој успех дава поголем акцент на заштитата на балканскиот рис. Европските конвенции ја препознаваат важноста и итноста за поголема легална заштита на овој вид. Ова признание игра улога и во спречување на нелегални и непотребни активности во подрачјата каде што рисот е распространет и секако дека ќе помогне во борбата за негова заштита“, изјави Диме Меловски, раководител на Програмата за заштита на балканскиот рис од Македонско еколошко друштво.

Се проценува дека шумите во Западен Балкан се населени од помалку од 50 возрасни единки, а целата популација се состои од 20 до 39 возрасни единки. Досега присуство на балкански рис е потврдено во Западна Македонија, посебно во и околу националниот парк „Маврово“, како и на планините Мунела, Шебеник и Албанските Алпи во Албанија. Според последните истражувања со фото замки потврдено е присуство на најмалку две единки во Западно Косово. Присуството на балкански рис во Црна Гора и Грција се уште не е потврдено.

Главна закана за опстанокот на балканскиот рис претставува илегалниот лов на рисот и неговиот плен (срна, дива коза и зајак), како и уништувањето на неговото природно живеалиште со сечење на шумите и со реализација на разни инфраструктурни проекти.

 

Содржината е прочитана 121 пати.