Инфо

Македонски пливачи подготвени за Европското првенство во пливање во Копенхаген

четврток, 07 декември 2017

Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија во соработка со Пливачката федерација на Македонија ќе го подржи учеството на пливачите Ана Јаневска, Љупчо Ангеловски, Миа Крстева, Давор Петровски и Методија Ангелески во нивното учество на ЛЕН Европското првенство во кратко пливање кое ќе се одржи во Копенхаген, Данска, во Кралската Арена.

„Горд сум што можам да кажам дека 4 наши пливачи ќе учествуваат на ова Европско првенство во пливање. Уверен и убеден сум дека достоинствено ќе ги бранат боите на Македонија. Можам да констатирам дека во минатиот период пливањето се соочуваше со една тешка ситуација за која сум убеден дека во иднина ќе се реши и се надевам дека ќе има големи промени во пливањето и дека пливањето ќе блесне во оној сјај во кој што треба да биде. Се надевам дека пливањето ќе биде една од најуспешните приказни во периодот кој следи. Воедно, тоа ни е еден од топ приоритетите во однос на работењето на Агенцијата за млади и спорт во кои ќе ни биде и градењето на базени. Проект кој ќе се случи во текот на 2018-та и 2019-та година. Како дополнување на тоа ќе имаме и програма која ќе ги следи сите оние подготовки и припреми на нашите пливачи со цел што е можно подобар пласман и освојување на норма за учество на олимпијадата во Токио во 2020-та година. Им посакувам многу успех и многу среќа и достоинствено да ги одбранат боите на Република Македонија.“,порача Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија.

„Благодарност до Агенцијата која што направи напор и најде разбирање да ја прифати заедничката програма која ќе биде еден почеток на светлата иднина на пливањето во Македонија. Јас како претседател на Пливачката федерација на Република Македонија сум горд и сигурен во четирите пливачи и нивните тренери дека покрај сѐ ќе нѐ претстават достојно, пред сѐ и самите себе, и ќе испливаат најдобри резултати. Нека биде ова еден почеток на пливачкиот професионализам.“, истакна Александар Маленко, претседател на Пливачката федерација на Македонија. Тој додаде дека додатно ќе се развива и државното првенство со цел да се зацврстат чекорите кои сега ги преземаат.

На ЛЕН Европското првенство во кратко пливање, кое ќе се одржи од 13-ти до 17-ти декември, ќе учествуваат околу 700 пливачи од 45 држави и тие ќе треба да се натпреваруваат во 40 настани. Ова првенство е првиот спортски настан кој некогаш се одржал во Кралската Арена во Копенхаген.
 

Содржината е прочитана 15 пати.