Бизнис вести

Работниците на „Фени“ ќе ги добијат платите, нема да имаат прекин во стажот

Стечајниот управник соопшти дека доверителите подносители на пријавата за стечај ги депонирале потребните средства на сметката на комбинатот

среда, 06 декември 2017

Стечајниот управник на „Фени Индустри“, Мирослав Анастасиевски преку соопштение информира дека доверителите подносители на пријавата за стечај ги депонирале потребните средства на сметката на комбинатот откако го добиле решението од Основниот суд Велес.

Анастасиевски најавува дека првиот чекор кон стабилизација на состојбата е исплата на платите на вработените, за што, како што вели, веќе е почната процедура за пресметка. Вработените ќе примат плата и ќе потпишат договори за вработување, без прекин на стажот, а континуитетот ќе биде запазен. Со тоа, според стечајниот управник, нивните права се целосно заштитени.

„Секој работник мора одговорно да пристапи во остварување на обврските, работните задачи. Сите барања на работниците се задоволени, согласно законската процедура, затоа, апелирам да не потклекнуваат на шпекулации. Да се посветиме сите заедно на работниот ангажман и да покажеме дека ‘Фени’ може да биде успешна приказна на македонската економија. Несебичната поддршка и работната ангажираност на вработените се двигател на овој процес“, наведува стечајниот управник на „Фени Индустри“, Мирослав Анастасиевски во соопштението.
 

Содржината е прочитана 22 пати.