Бизнис вести

ЕУ објави „црн список“ на држави - даночни раеви

Македонија на листата е во групата држави кои имаат подобрување на стандардите за транспарентност

среда, 06 декември 2017

Вкупно 17 држави од светот се најдоа на европскиот „црн список“ на земји означени како даночни раеви, додека 47 други ветија реформи за да избегнат да се најдат на листата држави.

Македонија е во групата земји кои имаат подобрување на стандардите за транспарентност, додека Србија, БиХ и Црна Гора се обврзаа до 2019 година да ги исполнат меѓународните и европски стандарди за спречување проневери при плаќање данок. Македонија го поддржа документот на министрите од ЕУ за тоа овие три земји да станат членки на поширока меѓународна рамка за примена на стандардите на ЕУ. Тие барања ги прифатија и Албанија, Турција, Јордан, Фиџи, Свазиленд, Виетнам, Мароко, Малдиви и Зеленортските Острови.

На „црната листа“ држави кои не дале гаранции или не презеле мерки дека ќе спречат затајување данок се Американска Самоа, Барбадос, Бахами, Гренада, Гуам, Макао, Маршалови Острови, Монголија, Намибија, Палау, Панама, Санта Лусија, Самоа, Северна Кореја, Тринидад и Тобаго, Тунис и Обединетите Арапски Емирати.

„Усвојувањето на првата црна листа на ЕУ за даночните раеви претставува клучна победа кога е во прашање транспарентноста и праведноста“, изјави еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси.

Европа ги повика овие земји да ги усогласат своите закони со меѓународното право и ЕУ стандардите за избегнување плаќање данок кога ќе се оствари профит. Притоа, се утврдени и казни кога ќе се констатира дека не се спречува затајувањето данок.

„Оваа иницијатива веќе ја докажува својата вредност, бидејќи многу земји работеа за исполнување на обврските пред крајниот рок, врз основа на нашите критериуми. Но, исто така, важно е внимателно да го следиме исполнувањето на обврските на нашите партнери од целиот свет“, рече Томас Тунисте, министер за финансии на Естонија, кој моментно претседава со Европскиот совет.
 

Содржината е прочитана 18 пати.