Бизнис вести

Македонска берза има нова апликација eTrader

Со оваа апликација се заменува традиционалниот начин на тргнување со кој клиентите мораа да одат кај брокерските куќи за да ги потпишуваат налозите

вторник, 05 декември 2017

Апликацијата eTrader е новата електронска алатка на Македонската берза наменета за крајните корисници со која тие во иднина ќе можат преку интернет да го следат тргувањето и својата финансиска состојба.

Со оваа апликација се заменува традиционалниот начин на тргување со кој клиентите мораа да одат кај брокерските куќи за да ги потпишуваат налозите за тргување. Со тоа се заштедува време, а на крајните корисници во секое време им се овозможува да даваат електронски налози до брокерите и да го следат тргувањето.

Директорот на Македонската Берза, Иван Штеријев изјави дека апликацијата има високо ниво на безбедност и е лесна и едноставна за користење.

„Потребно е само еднаш да се отиде кај брокерската куќа или кај банката и да се потпише сетот документи и потоа веќе нема да мора физички да се оди кај брокерската куќа и да се потпишуваат безброј налози за купување или продавање“, рече Штеријев на презентацијата на новата апликација.

Засега нема мобилна верзија на апликацијата, но од Македонска берза најавуваат дека тоа ќе го сторат до крајот на следната година.

 

Содржината е прочитана 163 пати.